Обвинетите за убиството на Данка Илиќ негираа вина, адвокатите тврдат дека нема материјални докази

Подготвителното рочиште во судскиот процес за убиството на двегодишната Данка Илиќ се одржа денеска пред Вишиот суд, со што во Србија официјално започна судската постапка што српската јавност ја очекува повеќе од две години.
Иако поранешните работници на јавното комунално претпријатие „Водовод“ од Бор, Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ, седнаа на обвинителната клупа, најголемата мистерија во случајот – каде се наоѓа телото на девојчето – сè уште останува неразјаснета, пишува „Телеграф.рс“.
Двајцата обвинети пред судот се изјаснија дека не се виновни за тешкото убиство што им се става на товар, додека нивните бранители истакнаа дека обвинителството не располага со материјални докази што директно ги поврзуваат обвинетите со исчезнатото девојче.
„Денеска се одржа подготвително рочиште. Обвинителот остана на обвинението, а ние, заедно со нашите клиенти, останавме на ставот дека тие не го извршиле кривичното дело што им се става на товар. Обвинителството ги предложи своите докази, а ние нашите. Ќе бидат сослушани сведоци, вештаци, а обвинетите ќе ја изнесат својата одбрана. Тие се изјаснија дека не се виновни, а одбраната ќе ја изнесат во текот на постапката“, изјави адвокатот на Срѓан Јанковиќ, Живадин Богдановиќ.
Тој додаде дека обвинителството предложило сослушување сведоци, вештачења и читање на списите од предметот.
Бранителката на Дејан Драгијевиќ, адвокатката Вања Живковиќ, нагласи дека недостигаат биолошки траги на клучните места.
„Од 60 вештачења, ниту едно не укажа дека некаде постои ДНК од обвинетите или од Данка и во таа насока ништо не е утврдено“, изјави Живковиќ.
Богдановиќ дополни дека ниту еден материјален доказ не ги поврзува обвинетите со малата Данка, како и дека нема докази дека девојчето воопшто било во возилото на ЈКП „Водовод“, иако биле вештачени околу 500 примероци.
„Главните претреси се закажани за втората половина на ноември и за декември, во блокови од по три дена. Прво ќе бидат сослушани обвинетите, потоа оштетените и нивните родители, а подоцна и сведоците“, изјави адвокатот Богдановиќ.



