Петок, 6 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Затвореник во Германија избегал со помош на клуч купен на интернет за помалку од 10 евра

Затвореник кој успеал да избега за време на посета на лекар во германскиот град Есен ги отклучил оковите на нозете со помош на клуч што може да се купи на интернет за помалку од 10 евра, објави денеска германскиот весник „Шпигел“.

Министерот за правда на германската покраина Северна Рајна-Вестфалија, Бенјамин Лимбах, на доверлив состанок го информирал Одборот за правда на покраинскиот парламент дека оковите немале единствена, посебна брава, наведува весникот.

Наместо тоа, бравата можела да се отвори со универзален клуч што функционира и кај други идентични модели, а такви клучеви се достапни на интернет.

Инцидентот се случил во средината на октомври, кога двајца затворски службеници спроведувале 34-годишен осуденик, со окови на нозете, од затворот во Есен на лекарски преглед во центарот на градот.

На скалите, двајца маскирани мажи ги совладале службениците, по што избегале заедно со затвореникот.

Истрагата сè уште треба да утврди дали помагачите сами го набавиле клучот преку интернет или во тоа им помогнал некој од вработените во затворот.

Портпаролка на Министерството за правда изјавила дека инцидентот поттикнал сеопфатна ревизија на процедурите и мерките за претпазливост при спроведување затвореници, пренесува „Шпигел“.

Весникот потсетува дека истиот безбедносен проблем првпат бил откриен во февруари, кога еден притвореник во Баварија ги отклучил своите лисици со клуч што бил лесно достапен на интернет.

Поврзани вести