Петок, 6 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Готвач добил отказ бидејќи одбил да стави ананас на пица: „Тоа е навреда за мојата култура“

Италијански готвач добил отказ во ресторан во Бризбејн, Австралија, бидејќи одбил да стави ананас на пица, сметајќи дека тоа претставува „навреда за неговата култура“, пренесува Би-би-си.

Давиде Тамбурела бил отпуштен од ресторанот „Ла Коста“ во мај, а деталите за случајот станале јавни откако се обратил до Комисијата за работни односи.

Во одлуката на Комисијата се наведува дека Тамбурела одбил да стави ананас на пица бидејќи, како Италијанец, сметал дека тоа е навреда за неговата култура.

Проблемот кулминирал кога одбил да подготви пица со шунка и ананас за гостите на една прослава. Тогаш изјавил дека барањата на раководството „не мора да се почитуваат доколку ја навредуваат неговата култура“.

Комисијата утврдила дека ова бил третпат во четири години Тамбурела да одбие да користи ананас. Претходно побарал од својот шеф да провери колку им е важно на Италијанците да не се става ананас на пица.

Раководството на ресторанот, кој во меѓувреме бил затворен, имало и други поплаки за неговото однесување, вклучувајќи пцуење, несоодветна комуникација и сè поголема фрустрација на работното место.

Во одлуката се споменува и инцидент од април, кога Тамбурела скршил коски на десната рака откако удрил во метална ограда.

Готвачот се надевал дека ресторанот ќе му помогне да добие виза за постојан престој во Австралија, но постапката била прекината по отказот.

Тој поднел барање поради неправеден отказ, но го изгубил спорот бидејќи го поднел по истекот на предвидениот рок.

Случајот се случил во австралиската сојузна држава Квинсленд, која е центар на производството на ананас во земјата.

Поврзани вести