Зеленски за средбата на Трамп со Путин и Ши: „Ништо за Украина без Украина“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека очекува извештај од американските претставници во врска со разговорите што Доналд Трамп ги води во Кина. Во средата, Зеленски истакна дека Трамп се подготвува за средби со кинескиот претседател Ши Џинпинг и рускиот лидер Владимир Путин; американските претставници ветија дека ќе го информираат Киев за тоа за време на состанокот во Берлин во четврток, пренесува „Еуроњуз“.
Во своето редовно вечерно видеообраќање, Зеленски изјави: „Ние и Европејците имаме јасен, заеднички став: прашањата што се однесуваат на Украина мора да се решаваат со учество на Украина, а прашањата што се однесуваат на Европа – со учество на Европа“.
Тој потврди дека американските претставници ветиле оти ќе дадат детални информации за средбите на Трамп за време на нивната средба во Берлин. Додаде дека Украина ќе добие повратни информации и од други партнери кои се присутни во Кина.
Трамп најави дека, за време на средбите со Ши и Путин, има намера да разговара за ограничувањето на нуклеарното оружје и за ставање крај на војната во Украина – конфликт што Русија го започна со својата инвазија во 2022 година.


