Amazon ѝ објави војна на Nvidia: Со еден потег, тие ги менуваат правилата на играта во AI светот

Еден американски гигант лансираше нов бесплатен софтвер, наречен TorchNeuron, со цел да му конкурира на лидерот на пазарот и да ја намали зависноста од најмоќните чипови во светот.
Американскиот технолошки гигант Amazon претстави нова софтверска алатка која овозможува кодот за вештачка интелигенција (AI) да се извршува на нивните, специјално дизајнирани чипови, без потреба од какви било измени.
Со овој потег, Amazon се обидува да ја намали предноста што ја има компанијата Nvidia на пазарот за AI компјутерска инфраструктура, пренесува Ројтерс.
Новата алатка, наречена TorchNeuron, им овозможува на програмерите да извршуваат код напишан во рамките на платформата PyTorch на чиповите Trainium на Amazon – при што е потребна само една промена во конфигурацијата, наместо целосно препишување на кодот.
Amazon планира да го понуди софтверот бесплатно како решение со отворен код, со што ќе им го олесни преминот кон своите чипови на програмерите и компаниите, нудејќи ги како алтернатива на хардверот од Nvidia.
PyTorch е една од најшироко користените софтверски рамки за развој на модели за вештачка интелигенција.
Во текот на повеќе од една деценија, Nvidia ја развиваше својата софтверска платформа CUDA, која овозможува ефикасно извршување на кодот од PyTorch на нивните чипови – фактор што ѝ даде на компанијата значителна предност пред конкурентите.
Претходно, прилагодувањето на постоечките AI апликации за работа на различни видови чипови можеше да бара месеци инженерска работа, што им го отежнуваше на компаниите преминот кон алтернативни решенија. Кол Брајс, потпретседател за софтвер во единицата Annapurna Labs на Amazon, изјави за Ројтерс дека целта на новата алатка е да се намали бројот на чекори потребни за програмерите да ги тестираат чиповите на Amazon.
Повеќе од 30 компании и развојни тимови веќе го користат овој софтвер, а апликациите опфаќаат области од роботика до системи за обработка на говор.
Amazon не е единствената технолошка компанија која се обидува да ја намали зависноста на пазарот од хардверот на Nvidia.
Според Ројтерс, и Google развива сопствени чипови и софтверски решенија, дизајнирани да го олеснат извршувањето на апликациите базирани на PyTorch на алтернативна инфраструктура.


