Серафимовски: Подготвуваме модел за системско поврзување на науката со поддршка за земјоделците

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство работи на системско вклучување на научните сознанија во подготовката на политиките и мерките за поддршка на земјоделските стопанства, изјави министерот Борче Серафимовски на отворањето на „АГРО ЕКСПО на ЕУ проекти 2026“ во СПЕЈС ПАРК Скопје.
„Фокусот го насочуваме на приспособувањето кон климатските промени, поефикасното користење на водните ресурси и зачувувањето на квалитетот на производството“, изјави министерот Серафимовски.
Тој информираше дека е во завршна фаза изборот на изведувач за проектот „Проектирање, развој и имплементација на интегрирана земјоделска информациска платформа (IAIP), вклучително и информацискиот систем за управување со земјиштето во државна сопственост (SALMIS)“, во вредност од над два милиони евра, кој е дел од Проектот за модернизација на земјоделството, финансиран од Светска банка.
„Резултатите од оваа модернизација ќе ги мериме преку конкретната корист за земјоделците, а тоа е поефикасно работење, подобар квалитет и поголема економска одржливост. Воедно, ова ќе значи создавање на професионални можности за младите во агрономијата“, нагласи министерот Серафимовски.
„АГРО ЕКСПО на ЕУ проекти 2026“ се одржува на 30 и 31 октомври во СПЕЈС ПАРК Скопје, со програма што опфаќа претставување на 15 европски проекти, земјоделска механизација и опрема, изложба на производи и храна и практични демонстрации. Настанот се организира во рамките на проектот CAAIVE, кофинансиран од Европската Унија преку Еразмус+. Организатори се Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ преку Факултетот за земјоделски науки и храна, ЕМКИЦЕ КИЦ, Нова Креатива и Центарот за развој на Југоисточниот плански регион.


