Дали паровите со голема разлика во годините се посреќни?

Врските со голема разлика во годините не се ништо ново, но сепак наидуваат на неразбирање во општеството и често се отфрлаат како „минлива фаза“.
Ваквите врски често се проследени со погрдни етикети – како на пример „ловец на пари“ – при што општествената осуда најчесто е насочена кон жените.
Истовремено, расте свеста за потребата да се прифатат врските што отстапуваат од традиционалните норми, бидејќи самата дефиниција за „идеална врска“ брзо се менува. Според списанието Psychology Today, научните истражувања нудат неколку интересни сознанија кои ни помагаат подобро да ги разбереме врските со голема разлика во годините.
Еволутивна перспектива
Секоја научна дискусија за врските и сексуалноста треба да ја земе предвид нивната еволутивна функција: опстанокот на видот. Од оваа перспектива, не е изненадувачки што мажите покажуваат склоност кон жени кои се во своите најплодни години.
Во труд од 2012 година, објавен во списанието Human Nature, еволутивните психолози Саша Шварц и Манфред Хасебраук пишуваат: „Репродуктивната способност не е константна во текот на животот. Жените по менопаузата не можат да раѓаат биолошки деца, за разлика од мажите, кои немаат такво директно биолошко ограничување.“
Исто така, не е неочекувано што жените имаат тенденција да претпочитаат мажи кои се способни да ги обезбедат ресурсите неопходни за одгледување деца. Шварц и Хасебраук забележуваат: „Жените вложуваат повеќе во потомството отколку мажите – на пример, преку бременоста. Следствено, тие им даваат предност на сериозните, долгорочни врски и бараат партнери кои се способни и подготвени да вложуваат во нив и во евентуалните деца.“ Кога ќе се спојат овие два факта, станува појасно зошто, во врските со разлика во годините, мажите почесто се постарите партнери. Помладите жени се на врвот на својата репродуктивна способност, додека постарите мажи генерално поседуваат повеќе ресурси што можат да ги вложат во семејството.
Истражувањата го потврдуваат ова. Една класична студија од 1945 година покажала дека мажите претпочитаат партнерки кои се околу 2,5 години помлади од нив, додека жените претпочитаат партнери кои се околу 3,5 години постари. Поновите студии покажуваат дека овој образец не е променет.
Граници на прифатлива разлика во годините
Ситуацијата станува поинтересна кога, наместо да се разгледува „идеалната“ возраст на партнерот, се анализира она што луѓето го сметаат за „прифатливо“. На пример, едно истражување покажа дека, во просек, мажите се отворени за врски со жени кои се до десет години помлади или до 4,5 години постари од нив. Жените, пак, се отворени за партнери кои се до осум години постари или до пет години помлади.
Важно е да се напомене дека овие граници се менуваат со возраста.
„Како што стареат, мажите стануваат поотворени за врски со значително помлади жени, но горната граница за возраста на партнерот што би го прифатиле, генерално, останува иста. Спротивно на тоа, како што жените стареат, тие стануваат посклони кон помлади мажи, додека горната граница за возраста на партнерот што би го прифатиле се намалува“, наведуваат истражувачите.
Авторите на студијата објаснуваат дека, со текот на годините, жените помалку се одлучуваат за постари мажи, бидејќи статистиката за долговечноста им оди во прилог на жените. Во Германија, на пример, жените во просек живеат пет години подолго од мажите.
Разликата во годините и среќата во врските
Можеби најважното прашање се однесува на нивото на среќа во врските каде што постои разлика во годините. Главниот заклучок е дека секој тип на врска може да биде среќен, под услов да се исполнети соодветните услови. Сепак, науката нуди одредени сознанија за тоа кои комбинации имаат поголеми шанси за успех.
Едно истражување, објавено во списанието Journal of Population Economics, покажа дека и мажите и жените се, по правило, посреќни со помлади партнери. Сепак, ова зголемено задоволство може да биде краткотрајно.
Авторите забележуваат: „Задоволството во бракот со текот на времето опаѓа, а кај паровите со разлика во годините, овој пад е побрз отколку кај паровите со слична возраст. Овој тренд го поништува почетното, повисоко ниво на задоволство што го чувствуваат мажите кои се во брак со помлади жени, како и жените кои се во брак со помлади мажи“.
Како можно објаснување, истражувачите сугерираат дека паровите со разлика во годините може да бидат помалку отпорни кога се соочуваат со животни предизвици или тешкотии во врската, во споредба со паровите кои се на слична возраст. Од друга страна, други истражувања покажуваат дека паровите со разлика во годините, кои успеваат да останат заедно, чувствуваат помалку љубомора и покажуваат понебична форма на љубов отколку паровите кај кои партнерите се врсници.
Науката потврдува дека постои силна еволутивна основа за врските со разлика во годините. Исто така, се укажува на тоа дека таквите врски – кои понекогаш се сметаат за општествено табу – носат свои специфични предизвици. Сепак, доколку се засноваат на здрави темели, тие можат да бидат исто толку исполнувачки како и секоја друга врска.


