Делегација од Комисијата за култура и туризам на Меѓупарламентарен состанок на комисии во Европскиот парламент

Делегација од Собранието на Република Северна Македонија, составена од пратеничките Саранда Имери Стафаи, претседателка на Комисијата за култура и туризам, Каљтрина Беќири, заменик-претседателка на Комисијата, и Драгана Арсова, заменик-членка на Комисијата, на 4 и 5 ноември 2026 година учествуваше на Интерпарламентарниот состанок на Комитетот за култура и образование (CULT) при Европскиот парламент, кој се одржа во Брисел, Кралството Белгија, посветен на спроведувањето на Европскиот акт за слобода на медиумите (European Media Freedom Act – EMFA).
На состанокот учествуваа пратеници и претставници на националните парламенти, членови на Европскиот парламент, претставници на европските институции, како и експерти од областа на медиумите. Целта на состанокот беше размена на искуства и ставови за регионалното, националното и европското спроведување на Европскиот акт за слобода на медиумите, како и разгледување на неговото влијание врз медиумската средина, медиумскиот плурализам, независноста на медиумите и демократското општество.
Работата на состанокот се одвиваше низ четири тематски сесии, посветени на: 1. Придонесот на Европскиот акт за слобода на медиумите во подобрувањето на медиумското опкружување; Во која учествуваше Саранда Имери Стафаи, претседателка на Комисијата за култура и туризам, се осврна на моменталната ситуација со медиумите во Македонија и ги нагласи предизвиците со кои се соочувааме како држава. 2. Рамката на ЕУ за медиумите и родовата еднаквост, односно улогата на медиумите во обликувањето на поеднакво општество; 3. Дигиталните аспекти на спроведувањето на Европскиот акт и предизвиците за обезбедување веродостојни информации во дигиталната средина; 4. Перспективите за спроведување на Актот и неговата поддршка за медиумскиот екосистем на регионално ниво.
Преку дискусиите и размената на искуства беа разгледани различните национални пристапи и предизвици во спроведувањето на европските стандарди за слобода на медиумите, како и можностите за унапредување на меѓупарламентарната соработка во оваа област.
Учеството на делегацијата на Комисијата за култура и туризам претставуваше можност за непосредно запознавање со актуелните европски политики и практики во областа на медиумските слободи, размена на искуства со претставници на националните парламенти и европските институции, како и придонес кон меѓупарламентарниот дијалог за заштита и унапредување на медиумскиот плурализам, независноста на медиумите и демократските вредности.

