„Исклучително добар актер“: Пирс Броснан откри кого го гледа како нов Џејмс Бонд

Пирс Броснан му даде поддршка на Калум Тарнер како можен нов Џејмс Бонд, истакнувајќи дека токму овој актер би можел одлично да се снајде во култната улога.
Познатиот актер, кој го толкуваше агентот 007 во четири филма од 1995 до 2002 година, во интервју за „Венити фер“ изјави дека, како и остатокот од светот, со нетрпение го очекува објавувањето на името на актерот што ќе ја преземе улогата на новиот Бонд.
„Сега сум само гледач кој со нетрпение чека да види кој ќе ја игра оваа епска улога од историјата на кинематографијата“, изјави Броснан, издвојувајќи го Тарнер, со кого соработувал на филмот „The Only Living Boy in New York“ од 2017 година.
„Сите мажи што моментално се на листата се актери на кои им се восхитувам. Калум Тарнер е некој со кого сум работел и тој е исклучително добар актер. Сите тие имаат свој глас, физички изглед и присуство на филмското платно. Сите имаат потенцијал за долга актерска кариера“, смета Броснан.
Покрај Тарнер, меѓу кандидатите за улогата на новиот Џејмс Бонд се споменуваат и Џек Лауден, Џош О’Конор, како и уште еден актер чиј идентитет се чува во строга тајност.
Броснан му посака среќа, сила и храброст на идниот Бонд.
„Кој и да ја добие оваа улога, му посакувам сè најдобро во животот, како и сила и храброст. Тешко е да се каже кој ќе биде, но со нетрпение очекувам да ги слушнам вестите и да го прославиме новиот Џејмс Бонд“, заклучи Броснан.

