Изложбата „Effortless“ (Природно) на Јана Луловска се отвора во Белград

Самостојната изложба Effortless на македонската интердисциплинарна уметница Јана Луловска ќе се отвори на 3 ноември 2026 година во 19:30 часот во Македонскиот Културно-информативен центар во Белград, на адреса улицата Македонска 30. Изложбата поддржана од Министерството за култура и туризам е дел од годишната програма на КИЦ Белград и ќе ја отвори директорот Васко Шутаров.
Инспирирана од движењето Флуксус, изложбата Effortless се фокусира на играта, флуидноста и експериментирањето, при што креативниот процес има предност пред завршеното дело. Со прифаќање на флуидноста и во концептот и во медиумот, делата на Луловска нудат визија за уметност која е неограничена, постојано менлива и која длабоко резонира со комплексноста на современиот живот. Тие потсетуваат дека и среде предизвиците на секојдневниот живот постои убавина која може да се најде во течението, во природните премини кои го дефинираат нашето постоење.
Работејќи спонтано со дигитални алатки, Луловска го создава секое дело без однапред осмислена композиција. Таа создава визуелни простори во кои движењето и промената стануваат централни елементи на изразување. Делата обединуваат линии, гестуални потези, органски и геометриски форми на бледосиви позадини, движејќи се меѓу флуидни и структурирани композиции. Во пошироката серија Effortless, формите се протегаат надвор од сивата позадина. Кај некои дела, композицијата продолжува на ѕидот преку интервенција на уметницата, буквално „излегувајќи од рамките“.
Јана Луловска е наградувана уметница чие творештво опфаќа фотографија, сликарство, графика, инсталација и експериментален филм. Таа има изложувано во многу градови ширум Македонија, но и во САД, Франција, Германија, Италија, Бугарија…. Нејзините дела се застапени во бројни меѓународни колекции, а нејзините филмови се наградувани на меѓународни фестивали.
Изложбата, посетителите на КИЦ Белград ќе можат да ја погледаат до крајот на месецов.

