Понеделник, 26 октомври 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

„Набуко“ од Џузепе Верди – моќна музика и вечна приказна за слободата на 30 октомври на сцената на НОБ

На 30 октомври, со почеток во 20.00 часот, на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе операта „Набуко“ од Џузепе Верди, едно од најпознатите и најзначајните дела во оперската уметност. Со моќна музика, драматичен заплет и силни вокални интерпретации, оваа опера ја раскажува судбината на еврејскиот народ и неговиот копнеж по слобода и татковина, носејќи универзална порака што и денес допира до публиката.

Операта ќе биде изведена под диригентската палка на Мирон Михаилидис (Грција), во режија на Ренато Бонајуто (Италија), сценографијата и костимографијата се на Флавио Арбети и Артемио Кабаси од Италија, кореограф е Маја Митровска-Богојевска, концерт-мајстор е Климент Тодороски, хор-мајстор е Јасмина Ѓорѓеска, а светло дизајн, Милчо Александров.

Насловната улога ќе ја толкува Марјан Јованоски, во улогата на Абигаиле ќе настапи Злата Тошевска Димовска, Николина Јаневска ќе ја игра Фенена, Ѓорѓи Цуцковски ќе настапи како Исмаил, а во улогата на Захарие ќе настапи Александар Стефаноски. Во останатите улоги ќе настапат Диме Петров, Јаворка Витанова, Јане Дунимаглоски, хорот, оркестарот, балетскиот ансамбл на Националната опера и балет и ученици при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ .

„Набуко“е лирско-драматична опера во четири чина, едно од најпопуларните дела на Џузепе Верди и е омилено кај публиката. Својата праизведба оваа опера ја имала во 1842 година во Миланска Скала. Тоа е третата опера на Верди за која што се смета дека трајно ја воспоставила неговата репутација како композитор. Темата на операта е тешката историја на еврејскиот народ, нападнати и поразени, протерани од својата татковина, иако историските настани се користат само како позадина на романтичниот и политички заплет. Верди во една ноќ ја напишал надалеку познатата хорска арија која станала драматуршки и музички столб на делото „Va, pensiero, sull’ali dorate“ („Летај на златести крилја”).

Поврзани вести