Принцезата Кејт за борбата со ракот: Во болницата ми рекоа дека ќе има добри и лоши денови

Принцезата од Велс отворено зборуваше за закрепнувањето од ракот во ретко интервју за списанието „Country Life“. Специјалното издание, објавено оваа среда, го уредуваше нејзиниот сопруг, принцот Вилијам, кој ја презеде улогата на гостин-уредник.
Во разговор со писателот Роберт Мекфарлејн, познат по книгите за природата и пејзажите, Кетрин опиша како престојот на отворено ѝ пружал утеха. Како што рече, природата „не нè осудува ниту очекува од нас да се докажуваме“.
Таа се осврна и на своите претходни изјави за болеста.
„Во болницата ми рекоа дека моето закрепнување нема да биде праволиниско. Ќе има добри и лоши денови и за сè ќе биде потребно време“, рече таа.
Ова искуство го спореди со природните циклуси.
„Природата ни покажува дека периодите на одмор, размислување и обновување се подеднакво важни како и периодите на раст“, истакна принцезата.
Идната кралица објасни зошто природата станала особено важно прибежиште за неа.
„Таа не бара ништо од нас. Не нè осудува и не очекува да се докажуваме. Едноставно ни дозволува да бидеме тоа што сме. Навистина ми беше прибежиште и место на кое инстинктивно сакав да одам“, рече таа.
На прашањето на Мекфарлејн каде ја пронаоѓа надежта, Кетрин одговори дека ја наоѓа во она на што нè учи природата.
„Да, и покрај предизвиците што ни ги носи животот, не сме сами и сме поврзани со нешто поголемо од нас самите“, рече таа.
Писателот потоа истакна дека нему надеж му дава набљудувањето на заедниците што се здружуваат за да ги заштитат реките.
„Целосно се согласувам“, одговори Кетрин. „Тоа е чувството на надеж што го пронаоѓаме во најтешките моменти. Мора да најдеме работи што можеме да ги правиме заедно со другите, начини да се поврземе и да ѝ помогнеме на нашата заедница.“
Во тој контекст, таа ја пофали организацијата „Mind Over Mountains“, која обезбедува поддршка за менталното здравје преку прошетки во природа, вежби за свесно насочување на вниманието и разговори со советници.
Принцезата веќе долго време ја нагласува важноста на престојот на отворено, особено за децата, што е една од темите на кои им посветува внимание во својата работа во областа на раниот детски развој.
Таа откри дека нејзината љубов кон природата потекнува уште од детството. Се присети на игрите во потоците, берењето капини и „едноставното поминување време во сопствениот свет, уживајќи во едноставните, секојдневни нешта“.
Како што рече, тоа ѝ давало чувство на слобода „што тешко може да се најде на кое било друго место“.
Кетрин зборуваше и за тоа како искуствата од детството влијаат врз начинот на кој ги воспитува своите деца, принцовите Џорџ и Луис и принцезата Шарлот.
„Често се потсетувам дека и на моите деца треба да им дадам слобода да истражуваат, наместо постојано да им кажувам што треба да гледаат или што треба да мислат“, заклучи таа.



