Вторник, 3 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Со праизведбата на драмата „104“ во Тетово се заокружува трилогијата на Драгана Лукан Николоски, во режија на Нина Николиќ

На 11 ноември 2026 година, со почеток во 20 часот, во НУ Тетовски театар – Тетово премиерно ќе биде изведена драмата „104“ од Драгана Лукан Николоски, во режија на Нина Николиќ. Со оваа праизведба се заокружува сценската реализација на „Трилогија за „љубовта““, која ги обединува драмите „Марта Верина“, „АННА“ и „104“. По изведбата ќе се одржи промоција на заедничкото книжно издание, објавено од „Чудна шума“.

Три драмски текста, три сценски реализации и една континуирана авторско-режисерска соработка го сочинуваат повеќегодишниот проект на Драгана Лукан Николоски и Нина Николиќ. Секоја од драмите функционира како самостојно дело, а заедно создаваат циклус што ги преиспитува љубовта, интимноста и односите меѓу луѓето.

Во драмата „104“, навидум хармоничниот живот на Милена и Јован се нарушува по еден разговор за минатото. Нејзиниот шеговит одговор на прашањето со колку мажи била пред него за Јован станува опсесија. Разговорот што започнува како провокација прераснува во соочување со љубомората, контролата, довербата и правото на сопствена интимност.

Како завршен дел од трилогијата, драмата „104“ ја преиспитува границата меѓу блискоста и поседувањето, отворајќи го прашањето што се случува кога потребата да се знае сè за другиот станува потреба тој да се контролира.

Во претставата играат: Ѓорѓи Нешковски, Ангела Стојановска, Петрит Назири, Ирена Мирческа и Марко Богдановски. Сценографијата е на Илина Ангеловска, костимографијата на Ивана Каранфиловска Угуровска, а композитор е Оливер Јосифовски.

Книгата „Трилогија за „љубовта““ од Драгана Лукан Николоски ги обединува трите драмски текста во едно издание. Премиерната вечер во Тетово на тој начин го означува заокружувањето на повеќегодишниот циклус и на сцената и во печатена форма.

Поврзани вести