(Видео) „Рано е“ на Теа Трајковска доби видео спот

По впечатливиот настап на овогодинешното издание на „Макфест“, каде со својата нова песна „Рано е“ уште на прво слушање ја освои публиката во салата, Теа Трајковска ја претстави и видео приказната за песната.
Песната, со која Теа настапи на макфестовската сцена во саботата, доби и свој видео запис, кој ја надополнува нејзината музичка приказна и носи поинаков визуелен пристап.
Музиката и аранжманот се дело на Лазар Цветкоски, додека текстот го потпишуваат Теа Трајковска и Магдалена Цветкоска.
За реализацијата на видеото Теа повторно соработуваше со Никола Наумовски, со кого и претходно има успешни заеднички проекти. Во спотот се појавуваат и балерините од „Dance Team Fusion“, кои публиката имаше можност да ги види и на самата макфестовска сцена, каде заедно со Теа го надополнија нејзиниот настап со впечатлива танцова изведба.
„Многу сум среќна што конечно ја споделувам и визуелната приказна за ‘Рано е’. Настапот на Макфест ми беше особено важен, а реакцијата на публиката во салата ми даде уште поголема возбуда за сè што следува. Сакав и видеото да има своја енергија и да ја надополни песната и мислам дека дефинитивно покажав една нова страна од мене како артист. Благодарна сум на целиот тим што и овојпат успеавме да создадеме нешто зад кое стојам со многу љубов“, открива пејачката.
Со промоцијата на „Рано е“, Теа ја заокружува макфестовската приказна со уште еден визуелен сегмент, а песната веќе добива и своја видео форма достапна за публиката.


