Вечерва се отвора 𝟧𝟣. МОТ – Млад отворен театар со словенечката претстава „Кратки приказни“

Со претставата „Кратки приказни“ на Театар Антон Подбевшек од Словенија, вечерва, на 18 ноември, со почеток во 20 часот, во салата 25 Мај на Младинскиот културен центар, свечено ќе биде отворено 51. издание на МОТ – Млад отворен театар.
Под мотото „Овојпат таа кажува“, годинешното издание на фестивалот, кое ќе трае до 24 ноември, е посветено на жената и женското авторство, со програма составена од претстави режирани од жени и продукции од Македонија, регионот и Европа.

Отворањето го носи словенечката претстава „Кратки приказни“, во режија и кореографија на Сања Нешковиќ Першин. Станува збор за театарски експеримент кој преку различни сценски изрази ги спојува класичната глума, физичкиот театар, танцот, кореографијата и впечатливите визуелни композиции.
Претставата се отвора како прошетка низ изложба, поставувајќи прашања за заробеноста и замките на современиот живот. Секоја сцена функционира како самостојна визуелна и концептуална целина, но сите заедно се слеваат во приказната за протагонистот кој талка низ лавиринт. Низ ова патување се преиспитуваат слободата, љубовта, отпорот, желбата, контролата, насилството и човечките чувства.

Инспирирана, меѓу другото, од приказната на Хорхе Луис Борхес „Двајцата кралеви и двата лавиринта“, претставата го поставува прашањето за човечката потреба за контрола и можноста за слобода надвор од наметнатите граници.
Претставата трае 60 минути, се изведува на словенечки јазик со превод на македонски, а настапуваат Матеја Железник, Лука Остреж, Филип Мрамор, Лука Бокшан и Андреј Томше.

По отворањето, 51. МОТ продолжува со богата фестивалска програма до 24 ноември, носејќи театарски продукции, меѓународни гостувања, танцови перформанси и музички содржини.


