(Видео) „Дај остави ја таа Југославија“: Јанг Дади во ново издание заедно со Сеад Зеле Липовача, легендарниот гитарист од Дивље Јагоде

Што сè е подготвен да направи еден скопски „парти манијак“ за да освои девојка која повеќе верува во југословенскиот рокенрол отколку во современите љубовни тактики? Во случајот на Јанг Дади – речиси сè. Вклучително и промена на имиџот, перика, кожна јакна, прстени и обид да се совлада една стара Лада. Во оваа музичка приказна му се придружува и Сеад Зеле Липовача, легендарниот гитарист на „Дивље Јагоде“.
Резултатот е „EX YU“, неговата нова песна, направена заедно со Андреј Ник и придружена со видео приказна во која носталгијата, хуморот и рокенролот возат во ист автомобил. Буквално.
Во центарот на приказната е Кики, ликот што го толкува Катарина Ивановска – паметна, самоуверена девојка со посебна фасцинација за Југославија и културата на едно време кое, очигледно, сè уште има што да понуди. Наспроти неа е Дади, човек на современиот скопски ноќен живот, кој брзо сфаќа дека неговиот вообичаен шарм нема да биде доволен. За да ја освои Кики, ќе мора да го напушти сопствениот стил и да се претвори во класичен југословенски рокер, со сериозни амбиции да наликува на легендарниот Зеле Липовача.
Во песната гостува токму Сеад Зеле Липовача, легендарниот гитарист на „Дивље Јагоде“, кој го отсвири гитарското соло, а се појавува и во видео спотот. Во меѓувреме, Дади се соочува со предизвиците на новиот рокерски идентитет – од совладување на старата Лада што не знае ни како да ја отвори, до нејзино туркање низ скопските улици, во кое Кики повторно мора да ја преземе работата во свои раце.
Судирот меѓу современиот стил на Дади и југословенскиот ретро-изглед е пренесен и преку изгледот на спотот. Старата Лада, архитектурата и препознатливите скопски предели не се само сценографија, туку важен дел од приказната за едно поинакво Скопје. Со доза хумор и многу рокенрол, „EX YU“ потсетува дека некои музички времиња никогаш навистина не излегуваат од мода, дури и кога автомобилите од нивното време одбиваат да „запалат“.
Проектот е издание на Авалон Продукција, а видео спотот е реализиран во продукција на Такат студио.
По новата песна, Јанг Дади го очекува и голем концерт на 30 декември во Т Арената во рамките на Спортскиот центар „Борис Трајковски“.

