(Видео) Јован Јованов и Тони Зен го промовираа спотот за „Уште ми требаш“

Десет дена промоцијата на песната „Уште ми требаш“, Јован Јованов и Тони Зен го објавија и официјалниот спот за својот нов хит.
Станува збор за уметничко визуелно видео, во чиј фокус се двајцата долгогодишни соработници, а во спотот се појавува и манекенката Вања Петрушевска. Режисер на спотот е Горан Божиновски.
„Уште ми требаш“ е продолжение на безвременскиот хит „Итно ми требаш“, кој Јованов и Зен, заедно со Ламбе Алабаковски го испеаја пред 18 години.
Официјалната промоција се случи на „Макфест“ со фантастичен настап, за кој Јованов и Зен добија бројни пофалби и комплименти од публиката.
„’Уште ми требаш’ е продолжение на приказната од ‘Итно ми требаш’. Некои песни не можат да се повторат, но некои приказни заслужуваат да продолжат. ‘Итно ми требаш’ беше приказна за незаборавна ноќ – излегуваш во клуб, некоја намерно те погледнува и намерно ти се насмевнува и… итно ти треба. ‘Уште ми требаш’ е поемотивна, се работи за спомен кој не е избледен, едно убаво сеќавање. Целта на приказната е тоа што се случува сега. Затоа и текстот на песната е поемотивен. Веќе не се работи за провод се работи за чувства што останале’,“ вели Јованов за новата песна.
Музиката за песната е на Јован, текстот го напишаа Јован и Тони, додека продукцијата е на Јован и Иван Јованов.



