Среда, 18 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа на „Алта лизинг“, следува ликвидација

Извршниот одбор на Народната банка на Србија (НБС) донесе решение за одземање на дозволата за вршење работи на финансиски лизинг на компанијата „Алта лизинг“ (ALTA Leasing), како и решение со кое се утврдува дека се исполнети условите за поведување постапка за ликвидација на ова друштво, соопшти денеска НБС, нагласувајќи дека овие одлуки не влијаат врз стабилноста на финансискиот систем на Србија, јавуваат српските медиуми.

Како што е наведено, „Алта лизинг“ не е банка, туку друштво што се занимава со финансиски лизинг и не прима депозити од граѓаните и стопанството.

Од централната банка истакнаа дека овие одлуки се донесени како последица на одземањето на дозволата за работа на „Алта банка“ во стечај, која е единствен сопственик на „Алта лизинг“.

Во согласност со Законот за финансиски лизинг, НБС оценила дека „Алта банка“ во стечај, како единствен член (основач) на ова друштво, повеќе не ги исполнува пропишаните услови во однос на задоволителната финансиска состојба и позитивно оценетиот деловен углед.

Со тоа се исполнети законските услови за одземање на дозволата за вршење работи на финансиски лизинг на „Алта лизинг“, соопшти НБС.

Се потсетува дека Законот за финансиски лизинг предвидува НБС, истовремено со одземањето на дозволата, да утврди дали се исполнети условите за поведување постапка за ликвидација или стечај над давателот на лизинг.

Оваа процена барала детална анализа на состојбата на имотот и обврските на друштвото по одземањето на дозволата за работа на банката основач.

Со анализата е утврдено дека имотот на друштвото ги надминува неговите обврски, што овозможува спроведување постапка за ликвидација наместо стечај, како поповолно решение за доверителите и корисниците на лизинг.

Со решението за одземање на дозволата, НБС истовремено изрекла и мерка за забрана за располагање со имотот на друштвото „Алта лизинг“, која важи до отворањето на постапката за ликвидација пред надлежниот стопански суд.

Во согласност со Законот за финансиски лизинг, функцијата ликвидационен управник ја врши Агенцијата за осигурување депозити.

Од денот на запишувањето на решението за одземање на дозволата, „Алта лизинг“ не може да склучува нови договори за финансиски лизинг, додека правата и обврските од договорите склучени до тој ден остануваат непроменети.

Исто така, правните работи склучени во име и за сметка на ова друштво во периодот од донесувањето на решението за одземање на дозволата до отворањето на постапката за ликвидација се ништовни.

Од НБС нагласија дека поведувањето постапка за ликвидација не ги ослободува корисниците на лизинг и другите должници од обврската редовно да ги подмируваат своите договорени обврски.

Сите обврски кон друштвото „Алта лизинг“ мора и понатаму да се исполнуваат во согласност со условите од склучените договори.

Ненавременото подмирување на обврските може, под условите предвидени во договорот, да доведе до раскинување на договорот и достасување за наплата на сите преостанати обврски врз основа на тој договор, предупредија од НБС.

Поврзани вести