Понеделник, 2 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Филипче: Укажувавме за Алта банка – блиска до Вучиќ, пари од криминал, трговија со дрога, опљачкани од народот

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција во Собранието, рече дека СДСМ речиси една година предупредува за ризиците од влезот на Алта банка во Македонија, банка за која постоеле информации дека е блиска до Вучиќ и дека зад нејзиниот капитал стојат сомнителни пари од криминални и коруптивни зделки, трговија со дрога и пари опљачкани од граѓаните. Филипче нагласи дека предупредувањата се претвориле во реалност, а последиците ги чувствуваат илјадници граѓани кои не можат да пристапат до сопствените средства.

„Скоро година дена наназад укажуваме за проблемот којшто беше тогаш, сега веќе настана со Алта банка. Укажувавме на тоа дека е тоа банка којашто настанала од една многу мала штедилница, дека тоа се луѓе блиски на Александар Вучиќ, негови пријатели, дека во медиумите има информации, имаше информации од Србија дека тоа се пари од криминални коруптивни сделки, од трговија со дрога, пари опљачкани од граѓаните“, рече Филипче.

Тој посочи дека одговорноста за настанатата ситуација е кај власта на Мицкоски, која овозможи влез на Алта банка во земјава, а денес илјадници граѓани не можат да располагаат со своите пари.

„И еве проблемот се случи, се случи и кај нас. Дека оваа власт кај нас во Македонија, предводена од Христијан Мицкоски, е арамиска и криминална, ова е само уште еден од доказите. За жал, сега на директна штета на граѓаните коишто тоа ќе го почувствуваат по своите џебови. Илјадници луѓе коишто денес не може да стигнат до своите средства, не им работат ни картичките, како што вчера најавуваше дека тоа ќе функционира гувернерот, очигледно соучесник во целата оваа манипулација и цел овој сомнителен коруптивен криминален процес на носење на Алта банка во земјава“, рече Филипче.

Филипче предупреди дека последиците можат да бидат уште поголеми и дека граѓаните веќе се загрижени за сигурноста на своите депозити и во другите банки и посочи дека премиерот Мицкоски, организираната криминална група и гувернерот Славески треба да одговорат за загрозувањето на средствата на граѓаните.

„Христијан Мицкоски, организираната криминална група и гувернерот Трајко Славески очигледно е дека ќе помогнат да се опљачкаат помеѓу 150-180 милиони евра од граѓаните. Стравуваме дека ова ќе има и домино ефект и врз други банки, затоа што веќе други граѓани коишто немаат сметка во Алта банка од утрово ни јавуваат и ни кажуваат дека си ги проверуваат своите депозити и своите пари во други банки и ја проверуваат достапноста на истите тие средства“, рече Филипче.

Поврзани вести