Јаневска по обвинувањата за „Стив Наумов“: Условите се одлични, СДСМ нека дојде да направи увид

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, ги отфрли обвинувањата на СДММ за лоши услови во реконструираниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје, откако опозицијата алармираше за влага, протекување вода и проблеми со греењето и топлата вода.
„Условите во ‘Стив Наумов’ се одлични“, порачува Јаневска во објава на Фејсбук, во која повикува претставници на СДСМ лично да го посетат домот и да се уверат во состојбата.
Според министерката, „Стив Наумов“ е првиот од деветте студентски домови кои ќе бидат темелно и енергетски ефикасно реновирани во текот на мандатот на актуелната Влада.
Осврнувајќи се на пријавените проблеми, Јаневска вели дека изолирани ситуации може да се појават и во реновиран објект, но нагласува дека домот е под гаранција и дека изведувачот ги санира недостатоците.
„Несакани ситуации може да бидат предизвикани и од корисници, за што апелиравме на одговорно користење при самото пуштање на објектот. Раководството на домот се соочи со запушена канализација поради фрлени влажни марамици; активиран алармен систем поради заборавена храна во вклучена микробранова печка во чајна кујна, како и поради запалена цигара во соба; откорнат радијатор; паркирани автомобили на зелени површини во дворот на домот…Сите ситуации се надминати“, стои во објавата на министерката.
Јаневска тврди и дека храната во домот ги исполнува пропишаните нутритивни стандарди.
Реакцијата на министерката доаѓа по прес-конференцијата на потпретседателот на СДММ, Бојан Цветаноски, кој праша како се потрошени средствата за реконструкцијата ако студентите повторно се соочуваат со несоодветни услови. Од СДММ побараа објавување на сите трошоци и договори, проверка на состојбата и утврдување одговорност за евентуалните пропусти.
„Нели „Стив“ ќе беше хотел од А-категорија? Двојно ја зголемивте партиципацијата за сместување. За што студентите плаќаат 6.600 денари месечно? За прокиснати соби и мизерни услови? Веќе не можете да ги лажете студентите!“, кажа тој.

