Франција распоредува 70.000 припадници на безбедносните сили поради најавените масовни протести за денеска

Франција распоредува 70.000 припадници на безбедносните сили низ земјата поради масовните протести најавени за денеска. Министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез најави решителен одговор на државата на секој облик на насилство.
Во градот Нанси, трговците веќе ги заштитиле излозите и влезовите на продавниците со дрвени плочи, во очекување на новите протести.
Мобилизирани сите расположливи ресурси
Министерот Нуњез изјави дека во операцијата ќе бидат ангажирани сите расположливи ресурси, вклучително и персонал од службите што вообичаено не извршуваат вакви задачи.
Тој потврди дека се мобилизирани и специјализирани и елитни единици, кои ќе бидат распоредени на клучни стратешки локации.
Се очекуваат до 500.000 демонстранти
Процените се дека на протестите ќе учествуваат меѓу 400.000 и 500.000 луѓе.
Во пресрет на новите собири, министерот за правда Жералд Дарманен ги објави податоците за последиците од немирите минатиот викенд. Приведени биле 232 лица, а судски постапки биле покренати против повеќе од 1.000 луѓе.
Младите веќе со недели протестираат, барајќи подобра опременост на училиштата. Во текот на изминатиот викенд, на нивните собири во повеќе градови им се приклучиле и други групи, меѓу кои и граѓани што протестираат против високите трошоци за живот.
На периферијата на протестните собири избија сериозни судири.


