Мицкоски на состанок организиран од Мерц: Ја потврдивме поддршката за постигнување праведен мир во Украина

Премиерот, Христијан Мицкоски, заедно со министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во Берлин учествуваа на состанокот на Коалицијата на волните, посветен на актуелната состојба во Украина и напорите за постигнување мир.

Мицкоски објави дека на состанокот, организиран од германскиот канцелар била истакната важноста на засилените напори за завршување на војната во Украина.
„На состанокот организиран од германскиот канцелар Фридрих Мерц беше истакната важноста на засилените напори за завршување на војната, како и потребата од заедничко дејствување на европските партнери и САД. Ја потврдивме поддршката на нашата земја за напорите за постигнување праведен и траен мир во Украина, преку дијалог, дипломатија и координација со нашите сојузници“, објави Мицкоски на социјалните мрежи.
Мицкоски претходно објави дека во рамки на работната посета на Брисел, учествувал и на Форумот за проширување на Европската Унија, посветен на реформите, инвестициите и економскиот раст.
„Остварив и повеќе средби со претставници на европските институции, на кои ги отворивме прашањата од значење за европската перспектива на Македонија. Продолжуваме со активен дијалог, посветеност на реформите и застапување на државните интереси. Нашата цел е јасна Македонија да напредува кон Европската Унија!“, напиша Мицкоски.



