Европските сојузници на Украина на состанок во Берлин по средбата на Трамп со Путин и Шjи

Европските сојузници на Украина денеска се состануваат во Берлин во рамките на таканаречената Коалиција на подготвените. Една од главните теми ќе бидат разговорите што американскиот претседател Доналд Трамп ги водеше зад затворени врати со рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Шjи Џинпинг.
На состанокот ќе присуствуваат и американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зетот на Трамп, кои се очекува да ги информираат европските лидери за разговорите одржани во Кина.
Кушнер утрово порача дека приоритети се зајакнувањето на соработката со Украина и Европа и подготовката на дневниот ред за следната рунда мировни преговори.
„Трамп е решен да стави крај на оваа страшна војна и да постигне траен мир што ќе ја направи цела Европа побезбедна“, напиша Кушнер на социјалните мрежи.
Во меѓувреме, европски претставници изразија загриженост поради средбата на Трамп со Путин и Шjи во Шенжен, каде што американскиот претседател ги истакна своите пријателски односи со двајцата лидери.
„Се разбира дека тие сцени се ужасни за нас“, изјави висок европски претставник за „Си-ен-ен“.
Сè уште не е познато колку тројцата претседатели разговарале за Украина. Состанокот во Берлин треба да започне околу 13:30 часот.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа повтори дека одлуките за Украина мора да се носат со учество на Украина, а оние што се однесуваат на Европа – со учество на Европа.



