Сабота, 31 октомври 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Требало да биде погубена, но преживеала: Криста Пајк открива какви последици ѝ оставил обидот за егзекуција

Американката Криста Пајк (50), осудена на смрт за бруталното убиство на 19-годишната Колин Слемер, тврди дека и еден месец по неуспешниот обид за погубување со смртоносна инјекција се соочува со сериозни физички и психички последици. Обидот за извршување на смртната казна бил направен на 30 септември во американската сојузна држава Тенеси, но Пајк преживеала, пренесува Би-Би-Си.

Во изјавата објавена од нејзините адвокати, таа опишала дека се разбудила во болница, збунета и со силни болки.

„Ниту еден момент од таа ноќ не помина без да чувствувам болка. Ме болат телото, рацете и грлото. Сè уште тешко зборувам, а болката не е само физичка. Чувствувам болка и во умот и во душата“, изјавила Пајк.

Таа примила две дози пентобарбитал, лек што се користи при извршување на смртни казни, по што била пренесена во болница во критична состојба.

Пајк раскажала дека во просторијата за погубување влегла убедена дека ќе умре и дека се обидела да се помири со она што ја очекува. Наместо тоа, неколку дена подоцна се разбудила во болница, без да знае каде се наоѓа и што се случило.

„Пред погубувањето не го замислував животот по 30 септември, бидејќи верував дека нема да го има“, рекла таа.

Особено тешко ѝ паѓа неизвесноста околу нејзината иднина и последиците од неуспешното извршување на казната. Таа им се заблагодарила на медицинскиот персонал кој ѝ го спасил животот, на адвокатите и на сите што ѝ пружиле поддршка.

Во изјавата се осврнала и на семејството на жртвата, наведувајќи дека размислува за нивното страдање по убиството на Слемер.

„Не знам зошто преживеав. Не знам што следува, иако се обидувам да закрепнувам ден по ден“, заклучила Пајк.

Пајк е осудена на смрт за убиството на 19-годишната Слемер, извршено во јануари 1995 година во Тенеси. Двете учествувале во иста програма за стручно оспособување.

Според доказите изнесени на судењето, Пајк, нејзиното тогашно момче и уште еден млад човек ја намамиле Слемер во шума, каде што била брутално претепана и убиена. На нејзиното тело биле пронајдени бројни повреди, а дел од черепот бил отстранет и задржан како трофеј.

Во времето на злосторството Пајк имала 18 години, а со изрекувањето на смртната казна станала најмладата жена осудена на смрт во Соединетите Американски Држави.

Поврзани вести