(Видео) Филипче до Мицкоски: Ја почитувам функцијата, меѓутоа премиере, не и тебе лично

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната седница за пратенички прашања во Собранието упати остри критики до премиерот, Христијан Мицкоски, за, како што кажа, начинот на практикување на власта, пропагандните кампањи, дискредитациите, навредите кон граѓаните, криминалните врски со Вучиќ, избегнувањето конкретни одговори пред јавноста и распродажбата на земјата.
„Сакам да кажам почитуван премиер, ама не можам. Ја почитувам функцијата, меѓутоа премиере, не и тебе лично, најмногу поради тоа што на тој начин ја практикуваш власта. Користиш разноразни пропагандни механизми, лажни кампањи, оцрнувања, дискредитации“, рече Филипче.
Тој нагласи дека премиерот повеќе од две години ги избегнува конкретните одговори, а наместо отчетност нуди навреди и дефокусирања.
„Не одговараш на ниту едно прашање така како што го поставуваме и на ниту едно прашање конкретно не си одговорил изминативе повеќе од две години. Јас ќе се обидам сега ќе поставам едно прашање кое што е многу важно. Искрено се надевам дека нема да слушаме дел повторно од твојот фолклор, затвори, решетки, лисици, талог, медиокритет и така натаму. Зграда во Дубаи и Харис Џиновиќ“, истакна Филипче.
Претседателот на СДСМ порача дека системот на политичка поддршка од Унгарија и Србија се губи со падот на Вучиќ и дека ќе мора да одговара на прашања и надвор од собраниската сала.
„Јас знам дека тебе сега не ти е лесно, го нема и вториот ментор. Тој систем на поддршка од Србија полека се губи и ќе останеш сам. Се поставува прашањето што ќе правиш? Веројатно ќе треба да одговараш на прашања не само тука, меѓутоа и на некои други места“, порача тој.
Филипче ги отвори и прашањата за финансиските текови, нагласувајќи дека информациите за можни трансфери на пари од Србија бараат одговори и одговорност.
„Па ќе се отворат прашања за кинеските пари од Унгарија, за Алта банка, за тоа дали има навистина, како што сè повеќе имаме информации, трансфер на пари од Србија тука. Некои документи видов пред неколку дена. Ако е тоа стварно така, мене ми е вака човечки жал за тебе, да ти кажам право, не политички, ама патот сам си го избираш“, рече Филипче.
Тој додаде дека на прашањата пред надлежните инстанци нема да може да се одговара со истиот начин на дефокусирање.
„Веројатно ќе одговараш на прашања и за трансферот на дрога преку граница, е тогаш на тие инстанци веќе нема да може да се дефокусира и да се даваат лажни информации“, нагласи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.




