Сабота, 7 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

ЗНАМ до АА и СДСМ: Патриотизмот се докажува со дела, Димитриевски не оставаше резервна позиција во Собранието

Движењето ЗНАМ ги отфрла личните дисквалификации и политичките конструкции на Алијансата за Албанците и СДСМ упатени кон претседателот на партијата, Максим Димитриевски. Од ЗНАМ оценуваат дека кога нема аргументи за суштината на прашањата, остануваат навредите и обидите за политичка дискредитација.

„Квалификацијата ‘патриот на батерии’ најдобро зборува за политичката култура на оние што ја употребуваат, но не и за Максим Димитриевски“, се наведува во партиското соопштение.

Од ЗНАМ потсетуваат дека во 2017 година, пред локалните избори, Димитриевски се откажал од пратеничкиот мандат и без политички калкулации влегол во изборната битка за градоначалник на Куманово, без да си остави резервна позиција во Собранието доколку ги изгуби изборите.

„Наспроти тоа, дел од тогашното раководство на СДСМ, кандидати за градоначалници, ги задржаа пратеничките мандати како сигурна алтернатива. Токму тука е разликата во политичкиот пристап и одговорноста. Патриотизмот не се мери со навреди, туку со одлуки, постапки и преземена одговорност“, наведуваат од партијата.

Во однос на правосудниот испит, од ЗНАМ повторуваат дека нивниот став е тој да се полага на македонски јазик, согласно Уставот и законите. Македонскиот јазик, велат, не е предмет на политички пазарења и коалициски калкулации. Посочуваат дека се подготвени за разговори со владините партнери, но нема да отстапат од своите принципи.

Истиот принцип, како што наведуваат, го застапуваат и во однос на евроинтеграциите. Македонија сака членство во Европската Унија, но не прифаќа постојани еднострани отстапки кон Бугарија без реципроцитет. Од ЗНАМ велат дека нивниот предлог за одложено дејство на уставните измени останува на маса.

Оттаму очекуваат почитување на правата на Македонците во Бугарија и спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Осврнувајќи се на обвинувањата на СДСМ за наводни средби, лобирања и поврзаност со Алта банка, од ЗНАМ бараат да бидат соопштени конкретни докази, факти и документи.

„Доколку постојат докази за незаконско постапување, надлежните институции треба да постапат. Сериозни обвинувања не смеат да бидат средство за дневнополитичка пресметка“, наведуваат од партијата.

Од ЗНАМ нагласуваат дека прашањето за македонскиот јазик не го отвораат за да му обезбедат алиби на кого било, туку затоа што го сметаат за прашање од суштинско значење за државата.

Во врска со обвинувањата за наводен пад на рејтингот, од партијата потсетуваат дека на изборите во 2024 година освоиле 56.232 гласа, односно 5,59 проценти и шест пратенички мандати, иако, како што наведуваат, дел од аналитичарите им предвидувале поддршка од околу еден процент.

„Тоа се официјални изборни резултати, а не нечии проценки“, посочуваат од ЗНАМ, додавајќи дека според нивната интерна анкета, актуелната поддршка за партијата е над 4,5 проценти, што би одговарало на приближно 50.000 до 55.000 гласови доколку изборите би се одржале денеска.

Од партијата порачуваат дека нема да ги менуваат принципите според дневнополитичките потреби, ниту ќе тргуваат со македонскиот јазик и ќе прифаќаат еднострани отстапки без реципроцитет.

„Македонија не е предмет на политички пазар. Таа е наша одговорност и обврска. Патриотизмот се докажува со дела, со став и со подготвеност да се преземе одговорност за државните интереси“, се наведува во соопштението.

Поврзани вести