Ристовски на Европскиот форум „EVERY FAN MATTERS“: Спортот треба да биде достапен за сите

Министерството за спорт, во соработка со европските партнери на проектот ELEVATE-SS, денеска во Клубот на пратениците во Скопје го организираше Европскиот форум „EVERY FAN MATTERS“, посветен на унапредувањето на пристапноста и инклузијата во спортот, со посебен фокус на фудбалот и можностите лицата со попреченост рамноправно да ги следат спортските натпревари.
Министерот за спорт Борко Ристовски, во воведното обраќање, ја нагласи важноста на проектот ELEVATE-SS, кој има за цел да придонесе кон создавање подостапна и поинклузивна спортска средина, во која секој ќе има еднаква можност да присуствува на спортски натпревари и да биде дел од спортската заедница.
„Пристапноста на спортските објекти и стадионите не подразбира само обезбедување соодветна инфраструктура. Таа значи создавање услови секој навивач, без оглед на своите способности, да може самостојно и достоинствено да присуствува на натпревар. Веруваме дека секој човек има право да ужива во спортот, да навива за својот клуб и да биде дел од спортската заедница. Токму затоа нашата цел е да создадеме спортска средина во која се почитуваат различностите, се практикува еднаквоста и пристапноста станува стандард, со единствена и јасна порака дека секој навивач е важен!“ – истакна Ристовски.
Проектот ELEVATE-SS, финансиран од Европската Унија преку програмата Еразмус+, има за цел развивање современи обуки со висококвалитетна дигитална содржина за персоналот на стадионите. Преку примена на вештачка интелигенција, дигитални технологии и 3Д виртуелни модели, ќе се овозможи интерактивна и практична едукација на лицата задолжени за безбедност, редарската служба, угостителските услуги и продажбата на билети.
Водечки партнер на проектот е Фудбалската федерација на Романија, а во неговата реализација се вклучени седум европски партнери. Вкупната вредност на проектот изнесува 400.000 евра.

„Нашата цел е јасна – да изградиме спортска инфраструктура во која пристапноста нема да биде само инфраструктурно прашање, туку дел од целокупното искуство на секој навивач. Тоа подразбира сè, од пристигнувањето на стадионот, купувањето билети и движењето низ објектот, до комуникацијата со персоналот и, секако, уживањето во спортските натпревари. Како Министерство за спорт, веруваме дека преку овој проект ќе придонесеме за унапредување на политиките за инклузија и пристапност во спортот“ – посочи Гордана Цветковска Бошевска, координаторка на проектот и посебен советник во Кабинетот на министерот за спорт за ЕУ-проекти и децентрализација.
Форумот во Скопје обедини претставници на европските проектни партнери, фудбалски клубови и лиги, национални спортски федерации, јавни институции, организации на лица со попреченост, експерти, спортисти и спортски работници, со заедничка цел – размена на знаења и искуства за развој на подостапна и поинклузивна спортска средина.
„Претставници од Португалија, Франција, Полска, Северна Македонија, Швајцарија, Велика Британија и Романија се обединија околу една тема која во последните десет години добива сè поголемо значење, а тоа е пристапноста во спортот. Зборуваме за фудбалот затоа што доаѓаме од фудбалската средина, но наша одговорност е, како спортски феномен со најголемо влијание во Европа, да придонесеме и другите спортови на континентот да имаат корист од овие иницијативи“ – рече Константин Флорин Шари, главен координатор на проектот ELEVATE-SS и менаџер за јавни политики и општествена одговорност во Фудбалската федерација на Романија.
Во рамки на форумот беа споделени лични искуства и сведоштва на лица со попреченост и спортисти, кои ги презентираа своите гледишта, потреби и конкретни предлози за подобрување на пристапноста во спортските објекти. Дополнително, беа презентирани можностите што ги нудат DisTech-решенијата (технологии за лица со попреченост) за отстранување на бариерите и создавање подостапни услови за следење на спортските натпревари.
Европскиот форум во Скопје отвори простор за размена на знаења, искуства и добри практики, презентација на иновативни технолошки решенија и зајакнување на соработката меѓу спортските организации, институциите, експертите и организациите кои работат на унапредување на правата и можностите на лицата со попреченост.
Министерството за спорт останува посветено на создавање спортска средина во која пристапноста и инклузијата ќе бидат стандард, а секој човек ќе има еднаква можност да спортува, да ги следи натпреварите и активно да учествува во спортскиот живот.
EVERY FAN MATTERS – секој навивач е важен, а спортот треба да биде достапен за сите!


