Половина милијарда денари годишно оделе кај лица што немале право на социјална помош, вели Мицкоски

На седницата на Собранието посветена на пратеничките прашања, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, се осврна на буџетот за следната година и предизвиците кои се очекуваат.
„Следните две години ќе бидат прилично предизвикувачки во смисла дека е потребно да се вратат, да се презапишат стари долгови и да се врати каматата, и тоа да се финансира буџетскиот дефицит и капиталните инвестиции, некаде околу 5 милијарди евра. Не зборувам за поголеми трошења, туку за трошења каде што буџетскиот дефицит ќе се движи до 3,5% од БДП. Тоа е навистина едно добро ниво, имајќи ги предвид состојбите во другите земји во Европа. Италија и Франција се над 5-6%, на пример. Треба да излезете на меѓународниот финансиски пазар и да барате пари. Во времето на короната светот велеше ‘полесно беше затоа што се печатеа пари’, сега таква ликвидност немаме. Тоа значи дека тоа ни претставува дополнителен притисок и предизвик, но убедени сме дека ќе го обезбедиме тоа што е потребно и притоа треба да обезбедиме тековна ликвидност за тековните проекти“, рече Мицкоски.
Мицкоски истакна дека е убеден дека и покрај предизвиците, обврските кои како Влада се преземени, потенцирајќи ги тука колективните договори во здравството, образованието, администрацијата, судството и обвинителството, ќе бидат реализирани, вклучително и зголемувањето на пензиите и социјалните трансфери.
„Кај социјалните трансфери имаме една работа којашто почесто ќе треба да ја комуницираме. Работевме една ревизија со Министерството за социјална политика, демографија и млади. Отприлика имаме околу 4.000 корисници на ГМП, тоа е гарантирана минимална помош и социјална сигурност, коишто немале право да користат. Кога тоа ќе го сведете во пари, ќе дојдете до половина милијарда денари. И сега, тоа што е останатото, го работат со Министерството за внатрешни работи, ги мечираат базите, да видиме дали тие луѓе што се корисници се тука и навистина треба да бидат корисници. Сега, замислете вие, половина милијарда денари годишно одат онаму каде што не треба да одат. И ќе повторам, тука имаат различни етнички состави, од Дебар до Делчево, од Гевгелија до Куманово. Буквално, секаде. Тоа било системски“, истакна Мицкоски.

