Мелони загрижена поради можното проширување на војната на Медитеранот: Ќе бидам многу јасна со Зеленски

Италијанската премиерка Џорџа Мелони изрази загриженост поради можноста војната меѓу Русија и Украина да се прошири на Средоземното Море, откако Украина во неделата потопи руски воен брод во либиските води.
„Сметам дека војната не смее да се прошири на Медитеранот. Мораме да бидеме јасни со нашите украински пријатели и партнери. Имам намера да бидам многу јасна во разговорот со украинскиот претседател Володимир Зеленски“, изјави Мелони.
Нејзината изјава следува по пораките на италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани, кој разговарал со украинскиот колега Андриј Сибиха и ја нагласил посветеноста на Италија на зачувувањето на територијалниот интегритет на Либија.
Нападот го осуди и крајнодесничарската Лига, која е дел од италијанската владејачка коалиција, оценувајќи го како неприфатлив и предупредувајќи дека може да ја дестабилизира Либија.
Мелони се осврна и на преговорите за седумгодишниот буџет на ЕУ за периодот од 2028 до 2034 година, вреден речиси 1.600 милијарди евра, посочувајќи дека европските лидери сè уште се далеку од постигнување договор.
„Со светлосни години сме оддалечени од решение. Не сме подготвени да прифатиме буџет според кој би морале да даваме повеќе, а да добиваме помалку“, изјави Мелони пред вонредниот самит на ЕУ во Брисел.


