Бура во Брисел по изведбата на „Ој Косово, Косово“: Приштина бара објаснување, Марта Кос изрази жалење

Изведбата на песната „Ој Косово, Косово“ на концертот по повод отворањето на Форумот за проширување на Европската Унија во Брисел предизвика бурни реакции во Приштина и Тирана, а еврокомесарката за проширување Марта Кос изрази жалење поради изборот на композицијата.
Песната била изведена во неделата вечерта, на концертот „Мелодии на единството: Хармонии од европските крстопати“, од словенечкиот состав „Марко Хатлак и Капобанда“. На музичката програма учествувал и Младинскиот оркестар на Западен Балкан, во кој членуваат музичари од целиот регион, вклучително и од Косово, објави српски „Блиц“.
Композицијата била изведена инструментално, без текст, но нејзиниот избор предизвика негодување кај косовските претставници, кои ја оценија како српска националистичка песна што промовира територијални претензии кон Косово.
Албанскиот премиер Еди Рама денеска го критикуваше изборот на песната, оценувајќи дека е несоодветна за настан посветен на европското проширување и единството.
„Не знам дали тоа беше намерно или поради незнаење. Но, една српска националистичка песна беше изведена овде во пресрет на овој настан. За навредата да биде уште поголема, беше изведена под прекрасниот наслов ‘Мелодии на единството’“, изјави Рама.
Тој додаде дека проблемот не се однесува само на повредените чувства на Албанците, туку и на потребата регионот да се ослободи од прашањата што го враќаат во минатото.
Реагираше и претседателката на косовското Собрание, Албулена Хаџиу, која побара објаснување од Европската комисија.
„Длабоко загрижува фактот што на отворањето на Форумот за проширување на ЕУ во Брисел беше изведена музика од српска националистичка песна што промовира територијални претензии кон Република Косово“, напиша Хаџиу на социјалните мрежи.
Таа порача дека европските институции мора да покажат внимателност и чувствителност кон историјата на регионот и пораките што ги испраќаат.
Косовскиот амбасадор во Белгија, Агрон Бајрами, исто така ја осуди изведбата, оценувајќи дека не станува збор за културна размена, туку за политичка провокација. Тој побара појаснување од Европската комисија за начинот на кој била избрана и одобрена композицијата.
По реакциите се огласи и еврокомесарката за проширување Марта Кос, која изрази жалење и нагласи дека изборот на песната не го одразува ставот на Европската комисија за Косово.
„Жалам поради изборот на песната од страна на музичарите. Таа допира чувствителни прашања, особено имајќи ја предвид болната историја и различните искуства на заедниците на Косово“, изјави Кос.
Таа истакна дека изведбата на песната не го претставува ниту нејзиниот личен став, нагласувајќи ја потребата од помирување и заедничка европска иднина.
„Не можеме да го промениме нашето заедничко минато, но можеме да ја избереме нашата заедничка иднина“, порача еврокомесарката.
Од Европската комисија потврдија дека песната „Ој Косово, Косово“ ја избрал музичкиот состав и дека нејзиното изведување не било претходно договорено со Комисијата. Засега не е познато кој конкретно од музичарите го направил изборот.
Форумот за проширување на ЕУ, кој годинава се одржува по вторпат, ги обединува европските лидери и претставниците на земјите кандидати, меѓу кои и македонскиот премиер Христијан Мицкоски. Годинешниот собир e со акцент на проширувањето, реформите, инвестициите, економскиот раст и безбедноста.


