„Ќе биде долг ден“: Војници патролираат низ Париз пред новите протести

Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нунез ја повика полицијата да реагира „исклучително брзо“ на секој обид за предизвикување инциденти за време на денешните протести. Во меѓувреме, војници им се приклучија на полициските патроли низ француската престолнина.
Властите преземаат засилени безбедносни мерки во обид да спречат повторување на насилството, грабежите и немирите од минатата сабота, кога дел од инцидентите ги затекнаа неподготвени.
Припадници на антитерористичка единица утрово патролираа по авенијата „Шанзелизе“, додека полициски комбиња го обезбедуваа подрачјето околу Триумфалната капија.
Нунез ангажирал 10.000 полицајци повеќе отколку минатиот викенд. Обраќајќи им се на полициските службеници во Париз, министерот предупреди дека може да има обиди за напади врз продавници, јавни институции и припадници на безбедносните сили.
„Мораме да реагираме исклучително, исклучително брзо. Има сериозни повици за нарушување на јавниот ред од политички групи, но и од криминалци. Ќе биде долг ден“, изјави Нунез.



