Понеделник, 16 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Михал: Путин користи психолошки трик за да го одвлече вниманието на Европа од Украина

Рускиот претседател Владимир Путин се обидува да користи „психолошки трик“ за да го одвлече вниманието на европските земји од војната во Украина, барајќи преговори за европската безбедносна архитектура пред да се согласи на прекин на огнот, изјави денес естонскиот премиер Кристен Михал, оценувајќи дека Москва нема искрена намера да постигне мир.

Кога станува збор за преговорите меѓу Русија и Европа, Михал посочи дека во тој процес треба да биде вклучена и високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, покрај веќе најавените пет европски земји и лидерите на Европскиот совет и Европската комисија.

Како што изјави Михал во интервју за „Рапортер“ објавено денес, Русија поставува максималистички барања со цел да ги збуни европските земји и да го одложи постигнувањето договор за прекин на конфликтот во Украина.

„Ова е само купување време и одвлекување на нашето внимание. Бидејќи Европа конечно има план што функционира. Имаме план што подразбира дека треба да ѝ помогнеме на Украина и да извршиме притисок врз Русија“, рече Михал.

Истакна дека пораката од самитот на ЕУ е јасна и дека европските лидери сакаат да зборуваат исклучиво за мирот во Украина, а не за европската безбедносна архитектура.

Според него, пристапот на Путин подразбира поставување низа прашања за безбедноста на европскиот континент, што ги вклучува европските земји во дискусијата за теми што одговараат на руската страна.

„Сите велеа дека европската безбедносна архитектура не е работа на Русија, туку наша. Ние мора да одлучиме за тоа, а не тие“, нагласи естонскиот премиер.

Германскиот весник „Билд“ и „Њујорк тајмс“ претходно објавија дека Русија поставила барања за промена на безбедносниот систем во Европа, вклучително и повлекување на базите на НАТО од балтичките држави и повлекување на Шведска и Финска од Алијансата.

Михал рече дека за време на разговорот со европските лидери за најновите преговори, не ги слушнал токму овие специфични барања, но дека му било кажано дека Москва ги повторила своите долгогодишни максималистички позиции.

Додаде дека Финска и Шведска одлучиле да се приклучат на НАТО токму поради руската инвазија на Украина.

„Никој нема впечаток дека Путин е искрен кога вели дека сака мир и дека е подготвен да ги запре убиствата во Украина“, рече Михал.

Естонскиот премиер, исто така, изјави дека тој и другите лидери на ЕУ се согласиле кој ќе ја претставува Европа во идните мировни преговори, кои би можеле да се одржат во Абу Даби за две недели.

Преговарачкиот тим треба да биде составен од советници за национална безбедност од пет европски земји, Велика Британија, Франција, Германија, Италија и Полска, како и претставници на Европскиот совет и Европската комисија.

Михал оцени дека таков договор остава можност високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, поранешната естонска премиерка, да учествува во преговорите.

Според него, било договорено Европскиот совет да го претставува неговиот претседател Антонио Кошта, а Европската комисија претседателката Урсула фон дер Лајен или високата претставничка Каја Калас.

Михал, исто така, ја поддржа иницијативата на германскиот канцелар Фридрих Мерк одобрувањето на следниот повеќегодишен буџет на ЕУ да биде условено од учеството на сите земји-членки во финансирањето на помошта за Украина.

„Мораме да бидеме заедно во ова, бидејќи Украина се бори за нас, а парите се најниската цена. Тие плаќаат со своите животи“, заклучи естонскиот премиер.

Поврзани вести