Навивачи пропаднаа низ трибина на стадион во Норвешка

За време на фудбалски натпревар од норвешката лига помеѓу Тромсе и Бодо/Глимт, најмалку пет навивачи пропаднаа низ трибина на стадионот; едно лице е пренесено во болница, јавуваат норвешките медиуми.
Инцидентот се случил во 40-тата минута од натпреварот, кога попуштила конструкцијата на секторот за гостински навивачи на стадионот во Тромсе, при што неколку навивачи пропаднале низ подот.
Според медиумските извештаи, пет лица пропаднале низ подот; едно лице е однесено во болница, додека останатите се здобиле со полесни повреди.
„Скокавме и пеевме, а потоа подот попушти. Се преполови во редот пред нас. Неколку луѓе пропаднаа низ подот, но не знаеме колку длабок бил падот, ниту точно колку луѓе паднале“, изјави еден од навивачите на Бодо за норвешкиот весник „Verdens Gang“ (VG).
Од клубот Тромсе го потврдија инцидентот во соопштение.
„Се случи сериозен инцидент во секторот за гостински навивачи. Според првичните информации, едно лице е повредено“, се наведува во соопштението на Тромсе.
Натпреварот беше прекинат, играчите заминаа во соблекувалните, а навивачите на Бодо/Глимт беа евакуирани од оштетениот дел на трибините. Натпреварот продолжи по пауза.
По консултации меѓу двата тима, Норвешката фудбалска федерација (NFF), навивачите и полицијата, натпреварот продолжи по пауза од речиси еден час. Бодо/Глимт победи со 2–0.



