Незаконските преминувања на границите на ЕУ намалени за 29 отсто, регистрирани речиси 110.000 случаи за 10 месеци

Незаконските преминувања на границите на Европската Унија се намалиле за 29 отсто во првите десет месеци од 2026 година во споредба со истиот период лани, соопшти европската гранична агенција Фронтекс. Во овој период биле регистрирани речиси 110.000 незаконски преминувања.
Намалување е забележано на речиси сите мигрантски рути, а еврокомесарот за миграција Магнус Брунер го припишува трендот на засилената меѓународна соработка, реформите и договорите со земјите долж мигрантските коридори.
Најголем пад има на централномедитеранската рута, која ги поврзува Северна Африка и Италија. Источниот Медитеран и натаму е главната рута за влез во ЕУ, со речиси 60 отсто од сите регистрирани незаконски преминувања, но и таму бројот е намален за околу 12 отсто.
Спротивен тренд е забележан на западниот Медитеран, каде што преминувањата се зголемиле за 21 отсто во споредба со 2025 година. Особено изразени се промените на западноафриканската рута, преку Атлантскиот Океан кон шпанските Канарски Острови.
Иако на оваа рута вкупниот број незаконски преминувања е намален за 13 отсто во првите десет месеци, во октомври е забележан нагол пораст – четири пати повеќе преминувања отколку во истиот месец лани.
Зад статистиката за миграциските движења стои и голем број човечки животи. Според Меѓународната организација за миграција (ИОМ), повеќе од 2.000 луѓе загинале во Средоземното Море од почетокот на оваа година, обидувајќи се да стигнат до Европа со небезбедни пловила.



