Петок, 23 октомври 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Предупредување за цунами во Италија: серија земјотреси предизвика паника, евакуирани училишта и јавни установи

23.10.2026, 20:11

Во јужниот дел на Тиренското Море денеска е регистрирана серија земјотреси, од кои најсилниот бил со магнитуда од 5 степени според Рихтеровата скала. По потресите е издадено портокалово предупредување за опасност од цунами, додека во Палермо се евакуирани училишта и канцеларии.

Според податоците на италијанскиот Национален институт за геофизика и вулканологија (INGV), трите најсилни потреси, со магнитуди од 5, 3,6 и 4,3 степени, биле регистрирани во интервал од неколку минути.

Почнувајќи од 11 часот, во ова подрачје биле регистрирани вкупно 25 сеизмички настани, пренесува агенцијата „Аднкронос“.

Потресите силно се почувствувале во Палермо и во крајбрежните населени места, сè до Месина, според објавите на корисници на социјалните мрежи.

Граѓаните пријавиле дека тресењето на земјата било силно и траело долго.

Голем број жители излегле на улиците и во Трапани, каде што земјотресот исто така бил јасно почувствуван.

Од претпазливост била евакуирана и зградата на судот.

По серијата земјотреси, надлежните издале портокалово предупредување за опасност од цунами.

Началникот на Цивилната заштита на Сицилија, Салво Кочина, наредил итно подигнување на нивото на подготвеност и целосна оперативна подготвеност на надлежните служби и општините во загрозените подрачја.

До населението во крајбрежните области е упатен апел да ги следи официјалните упатства и препораки на надлежните служби.

Наставата на Универзитетот во Палермо е прекината.

Поврзани вести