(Видео) Серија руски ракетни напади врз Киев, предупредувањата доцнат: „Јасно ни е што се случува“

Неколку експлозии го потресоа Киев вчера, а дополнителни напади се случија рано утринава. Русија изврши серија напади со балистички ракети врз украинскиот главен град. За разлика од нападот претходната вечер, утринскиот напад беше проследен со сирени за воздушна опасност и предупредувања од Военото воздухопловство, што им даде време на жителите да реагираат, пренесува „Киев индепендент“.
Последици од синоќешниот напад
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, соопшти дека во синоќешниот напад била оштетена станица на метрото на левиот брег на реката Днепар. Отпадоци паднале врз шините и електричните водови, поради што надземните станици „Чернихивска“ и „Лисова“ биле привремено затворени заради поправки.
Во областа Соломјански, остатоци паднале на првиот кат од станбена зграда со 25 ката, додека на друга локација бил погоден објект што не е станбен. Кличко потврди дека на двете локации се испратени екипи на итните служби. Засега нема информации за жртви во овој напад.
Нападот претходната вечер и доцно предупредување; загинала млада жена
За време на нападот претходната вечер, жителите имале многу малку време за реакција. Новинари од „Киев индепендент“ известија дека експлозиите се случиле во истиот момент кога се огласиле сирените.
Главната уредничка Олга Руденко изјави дека известувањата на мобилните телефони пристигнале само миг пред ударот, додека уличните сирени се огласиле дури откако експлозиите веќе започнале. Во тој напад биле погодени медицински центар во областа Десњански и зграда во областа Днепровски. Потврдено е дека загинала 21-годишна девојка, а деталите за вкупниот број на жртви и причинетата штета сè уште не се објавени.
Проблемот со доцните предупредувања
Нападот со балистички ракети се случи само неколку часа откако претседателот Володимир Зеленски изјави дека САД повторно почнале да споделуваат разузнавачки податоци со Украина за руските лансирања.
Оваа објава дојде откако Киев беше погоден од силни експлозии на 12 октомври, кога пет руски ракети „С-400“ го погодија градот, а сирените и предупредувањата се активираа дури по ударот. Извори на „Киев индепендент“ тврдат дека нападот на 12 октомври се случил откако САД се заканиле дека ќе ја прекинат размената на податоци доколку Киев не ги запре нападите врз руските рафинерии.
Сомнежи во веродостојноста на предупредувањето
Висок украински функционер изјави за „Киев индепендент“ дека нападот претходната вечер следел сличен образец. „Предупредувањето за балистичка закана пристигна дури откако нападот веќе се случи“, рече функционерот, додавајќи: „Повторно нешто матат“.
Руските балистички ракети често ги погодуваат целите со многу кратко или никакво предупредување. Новинарката на „Киев индепендент“, Катерина Денисова, изјави дека по известувањето на нејзиниот мобилен телефон имала на располагање околу три минути за да стигне до засолниште, што е вообичаено за вакви закани.
„Јасно ни е што се случува“
Украинските претставници претходно објаснија дека сателитскиот надзор може да доцни поради времето потребно за пренос на податоци. Тие исто така напоменаа дека лошите временски услови можат да го попречат функционирањето на сателитскиот систем SBIRS, кој американските сили го користат за следење на руските лансирања. Сепак, еден висок функционер, кој разговараше со „Киев индепендент“, смета дека таквото објаснување е малку веројатно во овој случај.
„Ова никогаш претходно не се случило, а сега, третпат по ред, имаме ’лоши временски услови‘. Кога не добиваме ништо преку ниту еден канал… па, јасно ни е што се случува“, рече тој.



