Среда, 28 октомври 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Седум милиони луѓе во Лос Анџелес биле изложени на високи концентрации на олово

Пожарот, кој ветровите го проширија од Итон Кањон кон Алтадена, Калифорнија, на 7 јануари 2025 година, создаде огромен облак од чад што покри околу седум милиони жители на Лос Анџелес. Нова студија покажува дека во текот на 24 часа воздухот бил заситен со олово во концентрации до 80 пати повисоки од вообичаените. Ова е еден од главните заклучоци на истражувањето спроведено од хемичари од Калифорнискиот институт за технологија (Caltech), пишува Science Alert.

Студија објавена во списанието Science Advances открива дека, покрај оловото, чадот содржел и високи концентрации на хлор, бром, цинк, бакар и арсен. Истражувачкиот тим, предводен од Харула Балиака и Нга Нг, истакнува дека чадот од урбаните пожари носи специфични здравствени ризици во споредба со чадот од шумските пожари.

Во областа изгореа повеќе од 9.000 објекти, вклучувајќи куќи, електронски уреди и возила.

„За разлика од чадот од шумските пожари, кој со децении е предмет на истражување, овој облак настанал со горење на куќи, возила и инфраструктура. Станува збор за сосема поинакво гориво со посебен хемиски потпис“, напиша научниот тим.

Станицата на Caltech за следење на квалитетот на воздухот во Пико Ривера забележа податоци за загадувањето во реално време. Квалитетот на воздухот бил најлош во првите два дена од пожарот. Податоците покажуваат дека на 9 јануари, околу седум милиони жители биле изложени на концентрации на олово поголеми од 50 нанограми на кубен метар. Вообичаеното дневно ниво на олово во Пико Ривера изнесува во просек 0,6 нанограми на кубен метар.

„Интересно е тоа што бројот на изложени луѓе продолжил да расте како што се ширел облакот чад, иако максималните концентрации се намалиле како што пожарот се преместувал од објектите кон ненаселени подрачја“, наведуваат Балиака и нејзиниот тим.

Слични резултати беа објавени од тим од Универзитетот на Калифорнија во Лос Анџелес (UCLA), врз основа на податоци од нивните мерни станици.

Истражувачите од „Калтек“ (Caltech) ги споредија податоците со оние од шумски пожар што избувна во ненаселената област Риверсајд во 2024 година. Во споредба со тој пожар, чадот од кањонот Итон (Eaton Canyon) содржел 50 пати повеќе олово, седум пати повеќе хлор и бром, четири пати повеќе цинк и три пати повеќе бакар и арсен. Многу куќи во Алтадена се изградени во првата половина на 20. век, кога често се користеле бои што содржат олово и бромирани средства за забавување на горењето, што би можело да ја објасни токсичноста на чадот.

Здравствените последици за луѓето кои биле изложени на чадот сè уште не се познати. Научниците се загрижени и за долгорочните ефекти од загадувањето што се таложи на детските игралишта, во вододелниците и на земјоделското земјиште.

„Постои итна потреба од епидемиолошки студии за истражување на здравствените исходи, особено кај децата и другите ранливи групи“, пишуваат Балиака и нејзиниот тим.

Познато е дека оловото и арсенот се токсични, но малку се знае за последиците од краткотрајна, но интензивна изложеност на сложени мешавини од хемикалии.

Доказите укажуваат на тоа дека ваквите катастрофи ќе станат почести.

„Бидејќи климатските промени и урбаното ширење доведуваат до сè повеќе пожари во урбаните средини, прашањето не е дали ќе се случи нова урбана огнена стихија. Останува да се види што ќе научиме од претходните катастрофи и дали системите за следење и итни интервенции ќе можат доволно брзо да се прилагодат“, предупредуваат истражувачите.

Поврзани вести