Словачкиот министер во Москва: Русија тешко може да се замени како снабдувач со енергија

Словачкиот министер за надворешни работи, Јурај Бланар, изјави во понеделникот во Москва, по средбата со неговиот руски колега Сергеј Лавров, дека Словачка ќе продолжи да ги следи своите национални интереси. Тој најави и развивање на соработката со Русија во областите што не се опфатени со санкции, пренесува Ројтерс.
Целта на посетата на Бланар на Москва беа разговорите за снабдувањето со руски енергенси и обновувањето на соработката, која беше прекината по почетокот на руската инвазија врз Украина.
Консултациите продолжуваат по неколкуте посети на словачкиот премиер Роберт Фицо на Москва. Ставовите на Фицо се разликуваат од позициите на мнозинството земји во Европската Унија, особено откако унгарскиот лидер Виктор Орбан загуби на изборите во април.
Енергетиката беше главната тема на состанокот на обновената меѓувладина комисија, одржан во понеделникот.
Од словачкото Министерство за надворешни работи соопштија дека Бланар добил потврда за подготвеноста на Русија да продолжи да ги исполнува своите договорни обврски.
Словачка увезува руска нафта и гас. Според планот на Европската Унија, земјата треба да го прекине увозот на руски гас до крајот на 2027 година, со цел Русија да се лиши од средства за финансирање на војната во Украина.
„Руската Федерација тешко може да се замени кога станува збор за стабилноста на снабдувањето со енергија, не само за Словачка, туку и за глобалната трговија. Тоа сега јасно се гледа за време на кризата во Ормускиот Теснец“, изјави Бланар.
„Словачка е членка на Европската Унија и НАТО и ние ги почитуваме обврзувачките правила. Меѓутоа, во тие рамки бараме можности за соработка што се во согласност со националните интереси на Словачка“, додаде тој.
