Швајцарија остана без „Патриот“ поради Германија, бара алтернатива за ПВО системот

Набавката на американските системи за воздушна одбрана „Патриот“ за Швајцарија се соочува со големи одложувања, поради што таа земја треба што поскоро да обезбеди алтернативно решение, изјави денес директорот на швајцарската „Агенција за набавка на вооружување Армасвис“ Урс Лоер.
„Швајцарија, која традиционално се придржува до политиката на неутралност, мора да преземе посериозен пристап кон зајакнување на своите одбранбени капацитети, а во моментов е маргинализирана во меѓународните дискусии“, рече Лоер во интервју за весникот „Ноје цирхер Цајтунг“.
Берн претходно објави дека ја разгледува можноста за откажување од купувањето на системот „Патриот“, кој го произведуваат американските компании „Рејтеон“ и „Локид Мартин“.
Лоер изјави дека испораката на системот сега е значително одложена, додавајќи дека Вашингтон ѝ дава приоритет на Германија при испорака на единиците „Патриот“ кои првично беа наменети за Швајцарија.
Берн, сепак, ќе добие назад дел од средствата платени однапред, рече тој.
Оваа година, Швајцарија започна преговори за договори со производители од Франција, Израел и Јужна Кореја за набавка на дополнителен систем за воздушна одбрана.
Лоер оцени дека е тешко да се избегне набавка на друг систем ако Швајцарија сака да го има пред 2030 година.
Според него, Швајцарија треба да ја одобри набавката што е можно поскоро, бидејќи обврзувачките понуди доставени од производителите требаше да истечат во февруари, поради што швајцарските власти побараа продолжување на нивната важност.
Лоер предупреди дека идните купувања ќе бидат значително поскапи и дека, доколку првичната нарачка од пет противпожарни единици на системот „Патриот“ дополнително се намали, се поставува прашањето за оправданоста на таквата набавка.
„По споровите околу цените поврзани со набавката на американски борбени авиони, Швајцарија, секогаш кога е можно, ќе се обиде да купи опрема директно од производителот“, рече Лоер.
Безбедносната свест во Швајцарија очигледно заостанува зад европската реалност, рече тој.
„Денес, никој во странство повеќе не ја разбира Швајцарија. Луѓето речиси и не разговараат со мене. Моите колеги од други земји ги решаваат своите проблеми заедно. Швајцарија е маргинализирана“, заклучи Лоер, цитиран од Танјуг.



