(Видео) Блокиран центарот на Белград на денот на изборите – затворени улици и засилено полициско присуство

Дел од центарот на Белград е затворен за сообраќај, а изменети се и трасите на јавниот превоз на потегот од Славија кон Теразие, јавува агенцијата ФоНет.
Со заштитни огради е блокиран делот од крстосницата кај Лондон кон Теразие, како и правецот од Теразие кон улицата „Крал Милан“. На терен е забележано и засилено полициско присуство.
Возач на автобусот на линијата 31 ги информирал патниците дека надлежните го известиле оти поради изборите мора да вози по изменета траса.
Во улицата „Крал Милан“ број 14, на потегот меѓу Теразие и Лондон, се наоѓа седиштето на Републичката изборна комисија (РИК).
РИК: На некои избирачки места имаше доцнење при отворањето
Претседателот на РИК, Владимир Димитријевиќ, изјави дека избирачките места за денешните предвремени парламентарни избори главно биле отворени навреме, во 7 часот, но на некои од нив отворањето малку доцнело поради големиот интерес на гласачите и подготовките на избирачките одбори.
Тој ги повика гласачите и членовите на избирачките одбори да покажат разбирање и трпение, потсетувајќи дека гласањето ќе трае до 20 часот.
Според податоците на РИК, право на глас имаат вкупно 6.451.292 гласачи, кои ќе гласаат на 8.392 избирачки места. На гласачкото ливче се наоѓаат 18 изборни листи.
Димитријевиќ ги повика членовите на избирачките одбори во текот на целиот изборен ден да одржуваат ред на избирачките места и да постапуваат во согласност со законот и упатствата на РИК.


