(ВИДЕО) Мечка нападна момче: Телефонот експлодираше и му го спаси животот

Петнаесетгодишно момче преживеа напад од мечка благодарение на мобилен телефон, кој наводно експлодирал во моментот кога животното почнало да го напаѓа.
Мечката го загризала уредот, кој се наоѓал во задниот џеб од панталоните на момчето; експлозијата што настанала го исплашила животното и го натерала да се повлече.
Нападот се случил во руската република Алтај, додека момчето проверувало кошници со пчели. Откако забележало дива мечка, момчето се качило на дрво, но разбеснетото животно го симнало долу, почнало да го гризе и да го повредува со своите канџи, соопшти Истражниот комитет на Русија.
Според достапните информации, телефонот тогаш експлодирал и се запалил, што ја исплашило мечката и го прекинало нападот.
„Го слушнав како вреска, се свртев и видов дека мечката веќе го влече од дрвото, па ги пуштив кучињата“, раскажа 24-годишен маж кој бил со момчето.
„Кога мечката ги забила забите во задниот дел од телото на момчето, батеријата од телефонот во неговиот џеб експлодирала, со што го исплашила животното“, објавија локалните медиуми.



