Во вторник пресуда за Хашим Тачи и уште четворица обвинети во Хаг за обид за влијание врз сведоци

На 17 ноември, вторник, пред Специјализираните совети на Косово во Хаг ќе биде изречена пресудата за поранешниот лидер на таканаречената Ослободителна војска на Косово (ОВК), Хашим Тачи, и уште четворица обвинети за попречување на правдата и обид за влијание врз сведоци.
Покрај Тачи, во овој предмет се обвинети и Башким Смакај, Исни Киљај, Фадиљ Фазљију и Хајредин Кучи.
Обвинителството побара шест години затвор за Тачи, девет месеци за Кучи, а по три години затвор за Фазљију, Киљај и Смакај.
Според обвинението, Тачи во периодот од 12 април до 2 ноември 2023 година, за време на одделни посети во притворската единица, им откривал на останатите обвинети доверливи информации за сведоци на обвинителството во одделниот процес за воени злосторства.
Обвинителството тврди дека им давал и конкретни упатства како да влијаат врз сведочењата. Специјалната обвинителка Кимберли Вест во завршниот збор изјави дека Тачи им наложувал на своите соработници да влијаат врз сведоците што ги сметал за клучни за исходот на судењето за воени злосторства.
Според Вест, Тачи им сугерирал на другите обвинети што треба да кажат сведоците за да се намали или отфрли неговата кривична одговорност, но и да се оспори тврдењето дека ОВК била организирана структура со главен штаб и дека Тачи бил еден од нејзините команданти.
Тачи се товари во три точки за обид за попречување на службено лице во вршењето на службените должности преку учество во заедничко дејствување на група, во четири точки за повреда на тајноста на постапката и во уште четири за непочитување на судот.
Смакај, Фазљију и Киљај се обвинети за обид за попречување на службени лица и непочитување на судот, додека Кучи се товари за непочитување на судот. Сите обвинети се изјасниле дека не се виновни.
Судењето започнало на 27 февруари годинава, а завршните зборови биле изнесени од 10 до 14 септември.
Тачи се наоѓа во притвор во Хаг од ноември 2020 година, каде што се водеше и постапката за воени злосторства. На 16 септември тој беше првостепено осуден на 25 години затвор. Во истиот предмет на затворски казни беа осудени и тројца други поранешни лидери на ОВК: Јакуп Красниќи на 25 години, Кадри Весељи на 18 и Реџеп Сељими на 13 години затвор.
Во овој предмет, Исни Киљај, Башким Смакај и Фадиљ Фазљију беа уапсени во декември 2024 година и префрлени во притворската единица на Специјализираните совети. Подоцна беа пуштени на слобода со кауција. На Тачи налогот за апсење му бил врачен во притворот, додека на Кучи му бил доставен судски налог за прво појавување пред судот.
