Жерард Депардје призна вина и им се извини на жртвите на сексуално злоставување

Францускиот актер Жерар Депардје ја повлече жалбата против пресудата од 2025 година за сексуално злоставување. Со овој потег, тој ја призна вината и им упати извинување на жртвите. Во официјална изјава, тој наведе дека на филмските сетови често користел „вулгарен хумор со сексуални алузии“, додавајќи дека сега сфаќа оти „постои граница помеѓу тоа да се биде дрзок и да се биде навредлив“, пренесува „Ројтерс“.
Тој упати „најдлабоки и најискрени извинувања до сите што можеби претрпеле штета“ како резултат на тоа, и објасни дека одлучил да ја повлече жалбата бидејќи „сфатил дека припаѓа на свет кој повеќе не постои“.
Депардје е една од најистакнатите личности во француската кинематографија. Во текот на кариерата долга пет децении, тој се појави во повеќе од 200 филмови, меѓу кои „Зелена карта“ (Green Card), „Последното метро“ (The Last Metro) и „Сирано де Бержерак“ (Cyrano de Bergerac).
Во мај 2025 година, тој беше прогласен за виновен за сексуално злоставување на две жени на филмски сет.
Доби условна казна од 18 месеци. Во пресудата, судијата забележа дека актерот како да не го сфаќа „трауматичното“ влијание на своето однесување. Депардје сè уште се соочува со судење во врска со обвинувањата дека ја силувал актерката Шарлот Арнул во 2018 година. Тој ги негира овие обвинувања.



