Pознати најдобрите мајстори за домашна ракија во Валандово

Дваесет учесници годинава се претставија на традиционалната „Валандовска ракијада“, која по 26. пат се одржува на Градскиот базен во Валандово. Со домашно валандовско грозје, кое одлежува околу 21 ден според традиционалната постапка за ферментација, учесниците го започнаа процесот на подготовка на познатата домашна ракија.
Првото место за најдобра ракија годинава им припадна на Лазар Димов и Трајче Зајков. Второто место го освоија Дени Делев и Крсте Арабаџиев, додека третото место им припадна на Гуна Маркова и Катица Тунгелова.
Учесниците велат дека традицијата на варење домашна ракија се пренесува од генерација на генерација, па така и самите ја научиле постапката од своите родители и постари членови на семејството.
Дел од манифестацијата и годинава беа и учениците од земјоделско-ветеринарната насока при Средното општинско училиште „Гоце Делчев“.
Режењето, врзувањето, прскањето и полевањето се дел од подготвителните активности пред да се добие грозјето како суровина за производство на ракија, објаснува Ѓорѓи Зафиров, учесник на годинешната ракијада.
„Грозјето што го ставаме во вреќи треба да одлежи 21 ден, за да узрее или преврие. Прво го вадиме виното, а потоа ракијата, па на крајот ја правиме мастиката. Во еден казан можеме да свариме сто литри. Грозјето е мелено со машина, а не рачно. Ракијата што ја правиме денес е од сортата грозје вранец. Од првата година сум на Ракијадата, значи веќе 26 години, а постапката ја научив од мојот татко, мојот син пак научи од мене“, вели Зафиров, додавајќи дека начинот на производство на ракија е насекаде ист.
Манифестацијата „Валандовска ракијада“ се одржува како традиционален настан под покровителство на Општина Валандово.


