Гаштаров: Секој ден учам од Ријера, му благодарам што ми даде шанса

Со доаѓањето на Алберто Ријера во Црвена звезда, Матеј Гаштаров стана редовен член на почетниот состав. Македонскиот репрезентативец, за изминатиот период говореше во интервју за „Б92 спорт“.
Во последните два месеци, Гаштаров одигра дури 12 натпревари, викендов доби одмор и не играше против Малдост во првенството на Србија.
„Тоа се многу натпревари. Се обидувам да бидам професионалец, да јадам здраво, да се одморам и да спијам, да се опоравам што е можно побрзо од напорот во натпреварите. Паузирав против Младост, не е повреда, здрав сум и се подготвувам за Копенхаген“, изјави Гаштаров.
Паралелно со одличните игри за црвено-белите, следуваше и покана од селекторот на Македонија, Гоце Седлоски. Играше на сите натпревари (четири), во Лигата на нации во последниот циклус.
„Многу сум среќен што бев поканет и што ги одиграв тие четири натпревари за репрезентацијата на Македонија. Сонував за тоа кога бев дете и навистина сум среќен. Не очекував сè да се случи толку брзо, но бев подготвен и мислам дека го покажав тоа.“
19-годишникот доби шанса од новиот тренер на Црвена звезда, Ријера и токму од Шпанецот учи секој ден.
„Секако, кога дојде Ријера, многу ми помогна. Ми даде шанса и мислам дека добро ја искористив. Се обидувам да се докажам на секој тренинг, да учам што е можно повеќе, бидејќи откако дојде тренерот Ријера, научив многу за фудбалот. Среќен сум и внимателно го слушам на секој тренинг за да бидам подобар секој ден.“
Проговори и за „патувањето“ од младинскиот тим до првиот тим.
„Ненад Милијаш ми помогна многу, и во животот и на теренот. Многу сум му благодарен. Бев со него во младинскиот тим сезона и пол. Потоа се преселив во Борац од Чачак, каде што одиграв една полусезона и покажав дека имам квалитет и дека можам да играм на повисоко ниво. Мојот тренер таму беше Кртолица, кој исто така ми помогна. Работев напорно, но на крајот се борев за место во првиот тим на Црвена Звезда. Сонував, тоа беше мојата цел, што сега е реалност. Среќен сум поради тоа и се надевам дека ме очекуваат уште многу натпревари во дресот на Црвена Звезда.“
Звезда за жал загуби во Лугано и се чини дека заслужи барем еден бод, ако не и сите три.
„Го загубивме натпреварот против Лугано иако игравме добро и бевме доминантни. Мислам дека заслуживме повеќе, но тоа е фудбалот. Ајде да продолжиме понатаму, следи натпреварот со Копенхаген, фокусирани сме и ќе победиме.“
Гаштаров досега има девет настапи, има запишано две асистенции и покажа вистинска универзалност, бидејќи може подеднакво добро да ги покрива позициите во одбраната и средниот ред, токму она што го бара Ријера.
Патем, вчера, заедно со една година повозрасниот Стефан Гудеља, потпиша нов договор со Црвена звезда до 2031 година.
Izvor/ B92 sport, Foto/ starsport


