Четврток, 22 октомври 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Кипар бара ЕУ повторно да ја отвори расправата за заедничката одбрана

22.10.2026, 12:56

Кипарскиот претседател Никос Христодулидис испратил писмо до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во кое бара Европската Унија повторно да ја отвори расправата за клаузулата за заемна одбрана, објави „Политико“.

„Не можам доволно да ја нагласам важноста на оваа одредба за ЕУ и нејзините земји членки, особено во време на геополитичка неизвесност“, напишал Христодулидис во писмото испратено на 20 октомври.

Тој побарал продолжување на разговорите во надлежните тела на ЕУ, како и информации за предлозите што се разгледуваат и временската рамка за следните чекори.

Станува збор за членот 42, став 7 од Договорот од Лисабон, според кој, во случај на вооружен напад врз една земја членка, останатите се должни да ѝ пружат помош и поддршка со сите средства со кои располагаат.

Интересот за оваа одредба е зголемен поради растечките геополитички закани, вклучувајќи ја руската инвазија врз Украина, хибридните закани кон ЕУ, војните на Блискиот Исток и тензиите во трансатлантските односи.

ЕУ на почетокот на годината преку вежби тестирала како би функционирала клаузулата во практика. Темата била приоритет и за време на кипарското претседавање со Советот на ЕУ, кое завршило на 30 јуни, особено по нападот со ирански беспилотни летала врз британска база на Кипар во март.

Сепак, расправата е ставена во втор план бидејќи Унијата е насочена кон преговорите за седумгодишниот буџет од речиси два билиони евра и обезбедувањето дополнителни средства за Украина. Според анонимен претставник на ЕУ, прашањето засега не е на дневен ред на претстојните самити на европските лидери.

Поврзани вести