Недела, 18 октомври 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Дрон се урна во Литванија

18.10.2026, 16:43

Дрон, кој најверојатно влегол во воздушниот простор на Литванија од соседна Полска, се урна во северниот дел на оваа членка на Европската Унија и НАТО, соопшти денеска литванскиот министер за одбрана Робертас Каунас.

Остатоците од леталото оштетиле патнички автомобил, но нема повредени, изјави шефот на Националниот центар за управување со кризни ситуации, Вилмантас Виткаускас.

Засега не е познато дали дронот носел експлозив, а истрагата за инцидентот е во тек, додаде Виткаускас.

Претходно денеска, властите ги повикаа жителите на централните и северните делови на земјата да се засолнат поради неидентификуван летечки објект.

Во областа биле испратени борбени авиони од мисијата на НАТО за воздушно патролирање, додека аеродромот во Каунас бил затворен околу еден час.

Полска пријави можно нарушување на воздушниот простор

И полската војска денеска извести за можно нарушување на воздушниот простор на земјата.

Украински дронови во изминатите месеци во повеќе наврати навлегле во воздушниот простор на земјите членки на НАТО во балтичкиот регион.

Киев соопшти дека леталата отстапиле од предвидената траекторија поради руско попречување на сигналот.

Поврзани вести