Недела, 18 октомври 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Папата Лав XIV се појави во јавноста по операцијата на рак на белите дробови: „Ова искуство ме приближи до сите што страдаат“

18.10.2026, 15:21

Папата Лав XIV за првпат ѝ се обрати на јавноста по операцијата на рак на белите дробови, порачувајќи дека искуството со болеста го приближило до сите луѓе што страдаат.

71-годишниот папа ја предводеше неделната молитва „Ангел Господов“ од балконот на Апостолската палата, од истото место од кое пред една недела соопшти дека мора да биде опериран. На плоштадот „Свети Петар“ се собраа илјадници верници за да го поздрават, објави Си-Ен-Ен.

Папата им се заблагодари на лекарите за грижата, како и на сите што се молеле за неговото здравје. Тој додаде дека постепено се враќа на своите папски должности.

Неговото појавување во јавноста се совпадна со одржувањето на римскиот маратон, при што илјадници тркачи минувале по главната сообраќајница кон плоштадот „Свети Петар“. Сепак, точно напладне, вниманието на присутните било насочено кон прозорецот на Апостолската палата, од каде што Лав XIV им се обратил на собраните со цврст и силен глас.

Папата вчера бил отпуштен од болницата „Џемели“, по операцијата на белите дробови со која му била отстранета израснатина. Подоцна било потврдено дека станува збор за аденокарцином, најчестиот облик на рак на белите дробови.

Планираното патување во Јужна Америка засега останува во план

Лекарите соопштиле дека папата добро закрепнува и сметаат дека може да отпатува во Јужна Америка, каде што треба да престојува од 6 до 17 ноември.

„Би рекол дека нема клинички причини поради кои ова патување не би се одржало“, изјави за „Ватикан њуз“ професорот Стефано Маргаритора, хирургот што го оперирал папата.

Посетата треба да ги опфати Уругвај, Аргентина и Перу. Лав XIV со години служел како мисионер и бискуп во Перу.

Планот за патувањето предвидува и престој во Куско, град кој се наоѓа на околу 3.350 метри надморска височина. На таа височина, количеството кислород што се вдишува е приближно за една третина помало отколку на морско ниво.

Поврзани вести