Естонија ја затвора границата со Русија

Естонија најави дека ќе ја затвори границата со Русија, откако безбедносните служби спречија обид за саботажа во фабрика за беспилотни летала. Естонските власти за нападот ја обвинуваат руската воена разузнавачка служба, ГРУ. Овој потег сериозно ги затегна односите меѓу двете земји, а Талин го гледа како дел од поширока кампања на непријателски дејствија поврзани со руската војна против Украина, пишува „Еуроњуз“.
Одлука по обид за саботажа
„Естонија ќе ги затвори сите гранични премини со Русија од 1 декември“, објави министерот за надворешни работи Маргус Цахкна на социјалната мрежа „Икс“. Тој посочи дека постојат „јасни индиции“ оти нападот бил нарачан од ГРУ.
Се огласи и премиерот Кристен Михал, кој исто така на платформата „Икс“ потврди дека ГРУ наредила „обид за саботажа“ во естонската одбранбена компанија „Треод системс“ (Threod Systems) во саботата навечер. „Благодарение на засилените безбедносни мерки и брзата реакција на полицијата, избегната е поголема штета. Напаѓачите се уапсени“, додаде премиерот. Нападот се случил во Виимси, северно од главниот град Талин.
Уапсени се осум лица
Главниот државен обвинител Астрид Аси потврди пред новинарите дека се уапсени осум лица кои престојуваат во Латвија. Ова не е прв ваков случај. Во август, компанијата „Милрем роботикс“ (Milrem Robotics) од Талин, која е подизведувач во одбранбениот сектор, исто така беше цел на обид за подметнување пожар, при што тогаш беа уапсени државјани на Латвија. „Треод системс“, компанијата што сега беше цел, произведува извидувачки и борбени беспилотни летала.


