(Видео) Поради изненадување на Трамп за Ноќта на вештерките, доцнеле повеќе од 200 летови во Вашингтон

Прелет на претседателскиот авион над Белата куќа, организиран како изненадување за децата на прославата на Ноќта на вештерките, предизвика доцнење на десетици летови и вознемиреност кај жителите на Вашингтон, пренесува Ројтерс.
Авионот, кој ја носи ознаката „Ер форс уан“ кога во него патува американскиот претседател Доналд Трамп, синоќа двапати прелетал ниско над Белата куќа и околните населби. Поради тоа, Федералната управа за воздухопловство (ФАА) привремено го запрела сообраќајот на блискиот аеродром „Роналд Реган“.
Во моментот на прелетот, Трамп бил домаќин на детска прослава по повод Ноќта на вештерките. Белата куќа објавила снимка од настанот, опишувајќи го како „епски прелет“ организиран за децата што дошле по слатки.
Градските власти соопштиле дека известувањето за прелетот го добиле само 15 минути претходно, поради што многумина биле исплашени. Авиокомпаниите, пак, биле известени помалку од еден час пред настанот.
Според податоците на „ФлајтАвеар“, на аеродромот вчера доцнеле вкупно 202 лета, односно 26 отсто од појдовните и 17 отсто од пристигнувачките летови. Поголемиот дел од доцнењата биле поврзани со привременото запирање на воздушниот сообраќај.


